Груевски: 21 Декември го одбележуваме заеднички, како симбол на турската заедница
Почитувани пратеници во Собранието на РМ и претставници на Владата на Р.М,
Почитуван Министер за надворешни работи на Р. Турција, г-дине Давутоглу,
Почитуван Амбасадор на Р.Турција во Македонија, г-дине Сокменсуер,
Почитуван Претседател на МАТУСИТЕБ, г-дине Ибрахим,
Почитуван претставник на Турската интернационална агенција за соработка и развој, г-дине Маскан,
Почитувани припадници на турската заедница во Република Македонија,
Уважени гости,
Имам посебно задоволство што еве веќе 6-та година по ред, имам можност и чест да се обратам на овој собир посветен на празникот на турската заедница во Република Македонија, 21 Декември - Денот на наставата на турскиот јазик.
Одбележувањето на ваквите празници во современите мултиетнички општества е исклучително важно и значајно. Преку нив ја негуваме толеранцијата, го валоризираме меѓусебното почитување, учиме еден за друг и живееме еден со друг. Тие се симбол на почитување, доверба и заедништво.
Ваквите празнувања се одличен одговор на се позачестената културна диверзификација, која стана политички предизвик од светски размери како резултат на комплексен збир на аспекти. Една од главните причини за појава на културната диверзификација во различни општества беше феноменот на глобализација. Овој феномен во себе опфати голем број на нови општествени движења засновани врз различна етничка, јазична или религиска припадност, кои се во постојана потрага по целосна и подеднаква вклученост во општеството.
Прилагодувањето на сè поголемиот културен диверзитет и постигнувањето на рамнотежа помеѓу различностите во општеството, од секогаш било предизвик за секоја земја, па и за Република Македонија.
Сепак, Владата на Република Македонија со голема посветеност и енергија во изминатите години работеше во насока на остварување на сите заложби за создавање на развиена држава во која ќе се обезбедат услови за негување на интересите, потребите и културните особености на сите етнички заедници кои живеат во нашата држава.
Една од тие заложби беше исполнета во 2007-та година, со воведувањето на повеќе нови празници на заедниците во Република Македонија, меѓу кои и 21 Декември како датум со кој се идентификува турската заедница во нашата земја. Од тогаш, па до денес, овој ден го одбележуваме заеднички како симбол на турската заедница, но и симбол за взаемното уважување, почит и разбирање.
Секако, соработката и почитувањето не почнува, ниту пак запира на големите празници. Таквиот однос трае постојано и на сите полиња од наш заеднички интерес и токму тука е најголемата придобивка.
Доказ за тоа е и денешниот ден.
Токму денес, кога во Македонија го одбележуваме 21 Декември - Денот на наставата на турскиот јазик, во Истанбул македонскиот и турскиот министер за култура го потпишаа договорот со кој Република Македонија го отстапува Куршумли Ан на Република Турција, а за возврат Турција отстапува друг објект заштитен споменик на културата на главен плоштад на Истанбул. Со тоа, двете земји добиваат нови простории за нови културни центри.
Покрај овој договор за културни центри во Македонија и Турција, пред извесно време потпишавме и договор за меѓувладина соработка во областа на културата.
Кога сме кај културата, вреди да се спомне дека проектот за изградба на куќата на родителите на Кемал Ататурк во селото Коџаџик е во финална фаза, куќата е веќе изградена и во следните неколку месеци само внатрешно и ентериерно ќе се уредува. Од другите поголеми проекти во културата кои се од значење за турската заедница во Македонија, би напоменал дека во рамките на проектот “130 тома македонска книжевност“ беа преведени 100 автори од турска националност, а во делот на книжевноста изминатиот месец се промовираше и новата Антологија на турска поезија во Македонија.
Секако, покрај во полето на културата, македонско-турските односи се развиваат и во другите полиња, од кои меѓу најекспонираните е и образованието.
Па така, покрај бројни проекти за одвивањето на настава на турски јазик во повеќе основни и средни училишта низ државата, како и изучување на јазикот на турската заедница во високото образование, од оваа година на државниот универзитет “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се отвори и нова студентска програма за изучување на старотурски јазик. Кога сме кај високото образование, би напоменал и дека универзитетите од двете земји имаат одлична соработка, а доказ е фактот што во моментов во Македонија има приближно 1000 студенти од Турција, а воедно и голем број македонски државјани студираат на некој од турските универзитети.
На полето на меѓудржавна соработка во областа на образованието би сакал да истакнам дека во изминатиот период потпишавме Протокол за соработка помеѓу македонската и турската влада во областа на образованието, а наскоро ќе потпишеме и договор за нострификација на дипломите од двете земји.
Покрај овие сегменти, бележиме унапредување и во односите во економијата, инвестициите, здравството и во многу други полиња од значење на нашите граѓани и на нашите две земји, што севкупно говори за продлабочување и унапредување на македонско-турските односи.
Драги пријатели,
Владата на Република Македонија и во иднина ќе работи на унапредување на ваквите меѓудржавни односи, како и на зачувување и негување на карактеристиките и идентитетските посебности, како на турската заедница, така и на сите останати заедници во Република Македонија.
На крајот, со особена почит и уважување, сакам на сите да Ви го честитам големиот празник 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, да Ве поздравам и да Ви посакам многу здравје, среќа и успех во новата 2013 година !
Ви благодарам