Почна изградбата на Технолошко-индустриска развојна зона „Гевгелија“, локалитет Прдејци
Зголемувањето на домашните инвестиции и привлекување на странски директни инвестиции е клучен приоритет на Владата на Република Македонија. Во близина на гегвелиското село Прдејци почнуваме со изградба на Технолошко-индустриска развојна зона - Прдејци, со што ќе се овозможат услови за влез на покрупни инвеститори во гевгелискиот регион кои секако значат и отворање на поголем број нови работни места.
Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски на поставувањето камен темелник на новата ТИРЗ „Гевгелија“ локалитет Прдејци.
Зоната, посочи Груевски, ќе опфаќа површина од 50 хектари и се наоѓа на десната страна од магистралниот пат Е-75 каде се определни 11 урбанистички блокови за производство, дистрибуција и сервисирање за јавни административни и комерцијални услужни дејности.
- Во изминатите неколку години преземавме низа мерки за подобрување на бизнис климата и зголемување на конкурентноста на македонската економија. Покрај нашите предлози и идеи ги интегриравме и најдобрите искуства на многу успешни земји, како и препораките од Светската банка, ММФ, ОЕЦД и повеќе други, рече Груевски.
Како резултат на тоа, потенцира тој голем број меѓународни компании веќе почнаа со инвестирање и работа во Република Македонија преку нови гринфилд инвестиции, но и преку инвестиции од постоечки компании и капацитети.
- Интензивното полнење на слободните економски индустриски зони низ Македонија за нас е знак дека овој модел е одличен за привлекување странски директни инвестиции. Голем број странски компании, претежно од автомобилската индустрија, но и од други индустриски гранки искористувајќи ги поволностите кои ги нудиме во овие зони во изминатиот период решија да изградат од темел нови фабрики токму на зелените ливади како што неодамна ги нарекуваа зоните, истакна Груевски.
Тој рече дека поттикнати од тоа како Влада решиле покрај зоните во Скопје и Штип да изградат уште осум слободни индустриски зони чија изградба е зацртана во програмата на Владата.
- Веќе започнаа да се градат зоните во Кичево и Прилеп. Денес започнуваме со оваа зона во Гевгелија, а во следниот период ќе започне изградбата на индустриските зони и во Тетово, Струга, Радовиш, Струмица и Ранковце. Со изградбата на овие технолошко -индустриски развојни зони ќе се создаде терен за нови инвеститори кои ќе изградат нови фабрики и ќе отворат нови работни места во цела Македонија, додаде премиерот Груевски.
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо во обраќањето пред присутните рече дека врз изборот на оваа локација влијаела претходно извршената анализа на можностите за просторен развој, како што се поврзаност со правецот Скопје-Солун, веднаш до клучката Прдејци, близината на градовите Гевгелија и Струмица, близината на границата со Република Грција и Солунското пристаниште, можностите за поврзување на инфраструктурните водови за снабдување со енерегија и телекомуникации и за изнесување на отпадните води од локалитетот, како и добрите микроклиматски услови со интензивно проветрување.
- Исто како и досега и при изградбата на зоната Гевгелија ќе се применуваат современи стандарди за внатрешната патна мрежа, водоводната и канализациска инфраструктура и телекомуникациите. Ќе се почитуваат еколошките стандарди, безбедносните и други задолжителни стандарди за функционирање на зоната. Целината ќе биде завршена со изградба на административен објект каде ќе биде сместен и терминал на Царинската управа, истакна Мизо.
Потенцираше дека и во ТИРЗ Гевгелија ќе се задржат стандардите по угледот на веќе постоечките технолошко-индустриски развојни зони кои веќе се рангирани меѓу 50-те зони на иднината во изборот на FDI MAGAZINE (од 600 слободни економски зони) во светот.
- Изградбата на Технолошко-индустриската развојна зона „Гевгелија“ ќе овозможи не само зголемување на странскиот капитал, туку и развој на вистинските вредности како што е трансферот на технологии, и на знаењето и експертизата на компаниите, а сето тоа ќе значи регионален економски равој, како и забрзување на растот и економијата воопшто, креирање на нови работни места зголемување на конкуретноста во меѓународната трговска размена и зголемување на извозот, додаде Мизо.