Пуштен во употреба целосно репариран воз на МЖ „Транспорт“
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска најави дека следната година ќе бидат набавени шест нови возови и оти ќе се продолжи со репарирање на веќе постоечкиот возен парк на АД „Транспорт“. Тој денеска заедно со директорите на МЖ „Транспорт“, Оливер Деркоски и на МЖ „Инфраструктура“, Ирфан Асани, ги користеа услугите на новиот целосно репариран воз кој сообраќа од Скопје до Битола.
- Наредната година ќе набавиме шест нови возови, четири дизел и два електро и ќе продолжиме со репарирање на веќе постоечките со цел возниот парк на АД „Транспорт“ да биде целосно реновиран и ставен во функција. Се работи за некаде од 12 до 15 вакви возови. Се надеваме дека тоа ќе го постигнеме до 2014-2015 година. Целокупната инвестиција е околу 100 илјади евра, рече Јанакиески.
Во целосно репарираниот воз на релацијата Скопје - Битола има нови мотори, нов под, седишта, инсталиран систем за видео надзор, противпожарен систем и систем за аудиовизуелна анимација на патници.
Министерот Јанакиески истакна дека од разговорот со патниците увидел дека во овој воз се нудат подобри услови бидејќи е целосно реконструиран.
- Ова е втор воз и, пред се, резултат на ентузијазмот и подобрата работа на новиот менаџерски тим во Акционерското друштво, рече Јанакиески.
Јанакиески рече дека средствата за новите возови се веќе обезбедени и оти во моментов се ангажира консултант кој ќе работи на тендерска документација.
- Во првата половина на следната година ќе се објави повик, а до крајот на наредната година треба да се склучи договор. Многу зависи од понудите, кои најдоцна во рок од две години треба да ги достават и потоа ќе се утврди кога ќе стигнат новите возови, појасни министерот.
Како студент, рече Јанакиески, често се возел со воз, а сега поретко. Според него, добра идеја е обновата на возовите, бидејќи билетите се поевтини и голем број граѓани ги користат возовите како превозно средство.
Директорот Деркоски додаде дека доколку имаат возови кои почесто ќе сообраќаат ќе се зголеми бројот на патници. Во последниот период, вели тој, не изгубиле многу патници затоа што се обидуваат да ги подобрат условите.
На годишно ниво во Република Македонија се превезуваат еден милион и 500 илјади патници. Најмногу патници има на релацијата Скопје-Велес или околу 700 илјади, на релацијата Скопје-Битола над 300 илјади и останатите се во другите правци.