Реконструкција на ученичкиот дом „Боро Менков“ во Крива Паланка
Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска го посети реновираниот ученички дом „Боро Менков“ во Крива Паланка.
Со инвестиција на Министерството за образование и наука во вредност од 2,4 милиони денари извршена е реконструкција на крило-В од овој ученички дом. Со реконструкцијата, која заврши за 50 дена, целосно е заменет подот во 24 спални соби и целосно се санирани простории во сутерен, наменети за образовни и рекреативни содржини.
Заменета е подната облога на вкупна површина од 602 метри квадратни, заменети се вратите во сите простории, како и прозорците во просториите во сутерен, скалите и ходниците. Извршена е реконструкција на котелот за парно греење и на цевната мрежа во крило - В, реконструкција на санитарниот јазол во сутерен, а варосани се и ѕидовите со површина од 3.000 метри квадратни.
Во наредниот период, како што информира МОН, во општина Крива Паланка се планира изградба на спортска сала во ОУ „Јоаким Крчовски“ и реконструкција на санитарни јазли во СОУ „Ѓорче Петров“ и ОУ „Илинден“.