Груевски: Во времето на Бранко не се плаќаа даноци, сега се почитуваат законите
Бранко Црвенковски се уште живее во времето кога тој беше премиер и кога можеше да не се плаќаат даноци и никому ништо да не му се случи. Тоа време е поминато и денес во Македонија владеат закони и владее Уставот, рече премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање за повикот на лидерот на СДСМ граѓаните да не ги плаќаат сметките, да не плаќаат даноци и да не ги почитуваат законите.
- Мислам дека Бранко Црвенковски се уште живее во времето на 90-тите кога тој беше премиер и кога можеше да не се плаќаат даноци и никому ништо да не му се случи. Кога неговите блиски не ги плаќаа даноците, а сите други требаше да ги плаќаат и на тој начин стекнуваа и конкурентска предност. Тоа време е поминато и денес во Македонија владеат закони, владее Устав и секој еден независно каде е и во која партија припаѓа, националност или каква било припадност мора по закон да ги плаќа даноците инаку следува соодветни законски постапки доколку тоа не се случи, рече Груевски.
Таквата изјава може да ја даде само човек кој се уште живее во 90-тите години истакна претседателот на Владата по промоцијата на 13 нови наслови од различни области, од проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.
- Во времето кога тој беше премиер и кога имаше едно безредие за тоа кој плаќа, кој неплаќа даноци, кога немаше ред, кога немаше поредок, кога немаше цврста држава, стабилна држава како сите европски држави. Тоа време е поминато, подвлече Груевски.