Окрупнувањето на обработливото земјиште клучно за конкурентно земјоделство

Од околу 450.000 хектари обработливо земјиште, 100.000 ќе бидат приоритет во претстојното окрупнување. Овој процес т.н. консолидација е комплексен и долготраен, минимум 20 години, но ќе ги опфати сите расцепкани парцели, а ќе се реализира согласно правната рамка чие донесување се очекува кон средината на идниот месец.

Земјоделците ја поздравуваат новововедената политика на окрупнување  која, велат, значително ќе придонесе за поконкурентно прозиводство и подобар живот во руралните средини. Според нив, посебно критични во однос на фрагментираноста се површините во Пелагонија, Струмичко и Полошкиот регион.

Како што нагласи ресорниот министер Љупчо  Димовски, законот за консолидација е особено битен зашто ќе овозможи почнување нова фаза во уредувањето на земјиштето.

- Структурата на земјоделските стопанства во Македонија е многу неповолна од аспект на големината на земјоделските имоти, бројот и меѓусебната оддалеченост на парцелите, нивното растојание до населените места, неправилната форма, пристапот до локалните патишта и системите за наводнување. Просечната големина на семејно земјоделско стопанство е 1,62 хектара. Поголемиот дел, пак, околу 63 отсто, се со мешана производна структура и површина под 1 хектар. Сопствениците во ваков случај имаат по 5 до 7 или 10 парцели, изјави Димовски пред денешниот состанок на Советот за земјоделство и рурален развој.

Нивото на фрагментација, оцени, и натаму се влошува, зголемувајќи го своето негативно влијание врз продуктивноста, ефикасноста, висината на трошоците и крајните приходи од земјоделската дејност што потоа се одразува врз конкурентноста.

По 2015 година, најави, окрупнувањето на земјиштето ќе продолжи со имплементација на многу покомплексни, интегрирани проекти во поголеми области задолжително поврзани со крупни инфраструктурни инвестиции. Во рамки на целиот процес ќе се овозможи искористување и на напуштените и необработени површини.

- Консолидацијата на земјиштето е еден од позитивните закони што оди во правец на модернизирање на македонскиот аграр. Првиот впечаток е дека неговото спроведување ќе оди тешко со оглед на македонскиот менталитет, но производителите многу скоро ќе сфатат дека ефектите може да се само позитивни, рече претседателот на Асоцијацијата на земјоделците Ефтим Шаклев.

Процесот ќе овозможи зголемување и правилно оформување на парцелите, како и полесен пристап, односно изградба на патишта и системи за наводнување и одводнување.

- Земјоделците не треба да се плашат дека со окрпупнувањето ќе им се намалат површините. Во најлош случај може да изгубат само пет отсто од нивите, пред се, поради патиштата што ќе се прават. Притоа е многу битно да се знае дека сами ќе управуваат со размената на земјиштето, посочи Шаклев.

Консолидацијата ќе се сопроведува на доброволна основа. Минимум 70 проценти од сопствениците на земјиштето во одреден регион треба да се согласат за да се реализира окрупнувањето. Во таа насока е неопходно формирање совет за земјоделците, како и стручно тело за управување на окрупнувањето во кое ќе членуваат нивни, како и претставници од Министерството и од Геодетската управа. Предвидено е и формирање комисија за проценување на квалитетот на земјиштето врз основа на што и ќе се дефинираат категориите за размена.

Производителите посебно позитивно го оценуваат планираното формирање банка за сите парцели кои подлежат на консолидација за да се има увид во површините кои не се обработуваат. Тоа земјиште ќе биде дадено на располагање на банката со претходна согласност на сопственикот. Така, практично, заинтересираните земјоделци ќе знаат по која цена и на кој начин да дојдат до него, односно да склучат договор за обработка. Закупнината, пак, ќе ја зема сопственикот на земјиштето.

Консолидацијата ќе се одвива во дефинирани подрачја кои ќе се идентификуваат според интензитетот на земјоделска активност, степенот на фрагментација и големина на парцелите, потенцијалот за постигнување поголем прогрес и свесноста на производителите за окрупнување. Земена ќе биде предвид и потребата од рехабилитација на системите за наводнување.