Ќе се олеснат постапките за водокорисничко право на земјоделците и за корисниците на вода за рибници

Олеснување на постапките за стекнување со водокорисничко право за земјоделците и за корисниците на вода за рибници ќе се овозможи со измените на Законот за води, информираа денеска на прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.

Поради сложеноста на постапките предвидени со Законот за води, според нив, досега земјоделците и корисниците на вода за рибниците, не биле во можност да ги користат средствата од ИПАРД програмата.

- Со предложените измени се предвидува можност сопствениците и корисниците на земјоделско земјиште да можат да користат вода за наводнување без прибавување на дозвола, во случај кога земјиштето не е опфатено со систем за наводнување и кога потребните количини вода не надминуваат еден литар во секунда, појасни Адеми.

За олеснување на постапките за користење вода за одгледување риби и водни птици, тој посочи дека нема повеќе да се спроведува концесиска постапка, туку водното право да се остварува со дозвола за користење на вода.

- Ова беше и барање на рибопроизводителите, за кои покрај одредбите од Законот за води се применуваат одредбите од Законот за рибарство и аквакултура, каде се содржани одредби како за закуп и користење на земјоделско земјиште, така и за изгарадба и легализација на бесправно изградени објекти за примарна обработка на земјоделски производи во кои влегуваат градбите наменети за одгледување на риби и добиток, рече Адеми.

Во делот на заштита од штетно дејство на водите се врши допрецизирање и подобрување на постапката за добивање дозвола за вадењето песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водотеците, езерата и акумулациите, заради подобрување на режимот на водите, со цел дефинирање на надлежностите и воспоставување на контрола над вршење на оваа дејност со цел да се отстранат можностите за злоупотреба.

- Со измените очекуваме да се олеснат процедурите за користење на вода од подземни водни тела за наводување со што ќе се создадат услови за поефикасно користење на достапните ИПАРД фондови и осовременување и развој на земјоделието, да се почне со спроведување на постапки за издавање на дозволи за користење на вода за одгледување на риби и водни птици и да се воспостави целосна контрола над вадењето песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водотеците и акумулациите, со што ќе се спречат евентуалните злоупотреби и пораст на приходите на општините, рече Адеми.

Заменик министерот Коњановски посочи дека измените се направени по контактите со земјоделците на терен кои имале проблем кога треба да се соочат и да побараат дозвола за отпочнување на постапка за правење на бунар и користење на подземните води.

- Постапката беше макотрпна, така беше пропишана со Законот. Требаше да се направи соодветен елаборат, тоа ги чинеше и финансиски земјоделците, поминуваше многу време додека се реализираше тој проект, се правеа дополнителни документации за тоа каква треба да биде бушотината, колку вода треба да се извлекува итн. На крајот резултатот беше негативен во однос на земјоделците затоа што во најголемиот дел од случаите тие се откажуваа од постапката заради сложеноста, посочи Коњановски.

Со откажувањето од постапката, додаде, тие не можат да ги користат и бенефициите, односно можностите кои ги даваше ЕУ преку ИПАРД. Не можеа да набават пумпни системи и системи капка по капка затоа што не можеа да го регулираат правото односно дозволата да добијат вода од подземните води.

- Сега за системи кои ќе ги направат земјоделците до еден литар во секунда за такви бушотини, за такви бунари нема да има потреба од дозвола, нема да има потреба од никаква административна бариера и пречка. Доволно е само да има доказ дека во регионот каде што земјоделецот тоа го бара не постои систем за наводнување или е нефункционален и да добие и соодветна дозвола од Управата за да може да премине кон ископ, односно правењето на бунар или ставањето на систем за наводнување, појасни Коњановски.

Од средбите со рибопроизводителите, односно оние кои имаат рибници, тој посочи дека произлегла потребата да се регулира начинот како корисниците да ја добијат водата до нивните рибници.

- Досега дозволата се даваше врз основа на концесиска постапка, а тоа кошташе време, труд, средства и несигурност дали тие ќе ја добијат водата на веќе постоечките изградени рибници или дали ќе добијат вода на земјиштето кое претходно со договор го склучиле со МЗШВ, истакна заменик министерот.

Тој забележа дека во последните пет години имало голем раст во производството на слатководна риба во земјава.

- Со оваа постапка наместо со концесија, водата ќе ја добиваат со дозвола од страна на МЖСПП со што многу ќе се олесни постапката за да се направи договор на оној кој сака да ја користи водата и ресорното Министерство, подвлече Коњановски.