Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика
1. Неодамна беше донесен Буџетот за 2013 година после подолгa неизвесност поради случувањата во Собранието на Република Македонија. Што значи тоа за реализацијата на мерките и активностите во сферата на социјалната политика и социјалната заштита?
- Обидот за создавање хаос во државата заврши со контраефект за тотално деструктивната опозиција. Народот го крена гласот и застана на страната на оние коишто навистина и мислат добро на државата и се грижат за интересите на сите граѓани на Република Македонија. Народот застана на страната на оние коишто власта ја добија на легитимни демократски парламентарни избори. Поддршката што ја добивме беше евидентна, а тоа е доказ дека граѓаните на оваа земја препознаваат неправдини и обиди за насилно преземање позиции и создавање анархија. Но, тоа е веќе минато коешто сигурно нема да биде заборавено од гласачкото тело. Буџетот е усвоен, а тоа значи дека се обезбедени средства за нормален тек и функционирање на сите општествени сфери. Замислете до недоглед да беше блокирана исплатата на плати, пензии, социјални помошти, субвенции, функционирањето и изградбата на детските градинки, училиштата, капитални инвестиции и сето останато? За среќа мнозинството во Република Македонија не го дозволи тоа. Нам ни преостанува да продолжиме со исполнување на одговорностите, ветувањата и обврските за обезбедување достоинствен живот за сите.
2. Дали во него има зголемување на средствата за социјални трансфери во однос на минатите години. Мислите ли дека обезбедените средства се доволни да се заштитат најзагрозените категории во услови на криза?
- Практично буџетот за 2013 година е проектиран за да одговори на последиците од светската економска и европската должничка криза коишто имаат силно влијание и врз Република Македонија во сите општествени сфери. При неговото креирање внимававме да бидат опфатени сите значајни категории буџетски корисници. За следната година МТСП доби поголем износ на средства за околу 4 милијарди денари во однос на оваа година, како резултат на веќе усвоените зголемувања на социјалните трансфери, пред се на пензиите, социјалните помошти, средствата коишто директно ќе влијаат на намалувањето на невработеноста и слично.
3. Годинава беше ставен акцент на демографското стареење на населението. Што како ресорно Министерство преземате за да се надмине таа ситуација?
- Неколку години наназад Владата на Република Македонија користи повеќедимензионален пристап за намалување на последиците од оваа непопуларна појава, запазувајќи ги економскиот, социолошкиот, образовниот и културолошки аспект.
Но владините мерки како што се: парична помош за третородено дете, месечниот надоместок од 8000 денари за мајките коишто родиле 4 деца како еден вид пензија по 62-та година доколку мајката не може да оствари пензија по било кој основ, правото на детски додаток како финансиска поддршка за семејствата со пониски примања по член на семејство, правото на додаток за децата со посебни потреби, поддршката од дел од локалните самоуправи, коишто исплаќаат надоместок во вид на еднократна парична помош за секое родено дете, вклучување на невработените во активните политики и мерки за вработување, зголемените социјални трансфери, отворањето на нови детски градинки и проширување на капацитетите на постоечите, зголемената заштита на жената работничка во случај на бременост, раѓање и родителство, не би значеле ништо доколку сериозноста на проблемот не ја разбуди свеста кај опшатата популација, односно кај сите општествени чинители, пред се граѓаните и граѓанските иницијативи, бизнис заедницата, приватниот сектор.... По однос на ова прашање мора да постои единство и сплотеност, предуслови коишто полека се создаваат, и тоа е добро. Тоа е позитивен сигнал за надминување на овој децениски проблем.
Дополнителен мотив треба да биде и нотираниот напредок на ова поле од Државниот завод за статистика, според кој бројот на живородени деца во третото тримесечје од годинава е за 3,5% поголем во споредба со истиот период лани. Следната година очекуваме уште подобра вест!
4. Дали и колку стареењето на населението може да предизвика проблеми во функционирањето на Фондот за ПИОМ и на редовната исплата на пензиите во иднина?
- Пензискиот систем не се гледа изолирано и секогаш е поврзан со економските и демографските трендови. Од друга страна, а не помалку значајно е фактот што пензискиот систем е дел од социјалната сигурност на граѓаните.
Во Република Македонија уште во 2000 година се започна со пензиските реформи заради обезбедување стабилен и одржлив пензиски систем на долг рок. Реформата ги балансира интересите на идните генерации на пензионери со интересите на сегашните генерации на пензионери, осигурувајќи соодветни пензии и за денешните и за утрешните стари лица
Споредено со останатите држави од регионот каде што соодносот на вработени и корисници на пензија драстично се намалува, во Република Македонија тоа не е случај. Но морам да напоменам дека соодносот 1,74 осигуреници на 1 корисник на пензија не ме радува и покрај тоа што овој сооднос не го доведува во прашање фукционирањето на пензискиот систем. Нашите напори се насочени кон создавање на еден позитивен тек на тоа поле, преку зголемување на вработеноста и подобрување на демографската слика во Република Македонија и во тој дел мислам дека сме на добар пат.
5. Дали намалувањето на пензиската основица може да предизвика намалување на идните пензионери?
- Не можеме да зборуваме за намалување на пензиската основица, а тоа би сакал да го појаснам и поткрепам со факти. Со измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, процентот од кој се определува висината на пензијата се утврдува на 1,61% од пензиската основа , но за пензиски стаж навршен по 1.1.2013 година, а од друга страна нема огранучување на процентот на максимум 80% за пензиски стаж повисок од 40 години, како што беше во претходното законско решение.
Искажано преку пример, за осигуреник кој има 40 години пензиски стаж до 31.12.2012 година, процентот од пензиската основа ќе се определува како и досега без промена, односно за 40 години пензиски стаж ќе добие 80% , а за секоја година пензиски стаж по јануари 2013 година по 1,6%, или за 42 години пензиски стаж ќе има 83,2%.
Имајќи предвид дека висината на пензијата од првиот пензиски столб зависи од платите и навршениот пензиски стаж, секогаш е поповолно за осигурениците (работниците) да работат подолго за да остварат повисок износ на пензија.
Вака проектираното решение нема да влијае на висината на пензија, пред се поради фактот што со законот за пензиско и инвалидско осигурување се уредува да нема огранучување на процентот намаксимум 80% и за пензиски стаж повисок од 40 години.
6. Како Влада сте размислувале ли за зголемување на старосната граница за пензионирање?
- Иако во европските држави постои тренд на зголемувањето на условите за стекнување право на старосна пензија, тоа во македонскиот пензиски систем нема да е случај. Во моментот условот за стекнување право на старосна пензија е 64 години живот (маж), односно 62 години на живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж. Така и ќе остане.
7. Неодамна почна да се врши пререгистрација на невработените и тоа на лица кои активно бараат работа или лица кои не бараат работа, а се пријавуваат заради здравствено осигурување. Какви резултати треба да даде оваа пререгистрација?
- Со измените коишто ги воведовме во тој дел се изврши промена во водењето на евиденциите на невработените лица, односно воведовме т.н. двојна евиденција, чијашто цел е да се изврши структурна класификација на невработени лица кои активно бараат работа и други лица коишто формално бараат работа но, всушност, не бараат вработување, едноставно се пријавуваат заради остварување на други цели и интереси. Тоа како податок е од исклучително големо значење за нас во насока на идно реално проектирање и планирање активни мерки и политики за вработување, од кои најголемиот бенефит ќе го почувствуваат активните баратели на работа. Но, Агенцијата за вработување и понатаму ќе ги нуди своите услуги подеднакво на сите евидентирани невработени лица. Исто така, она што е најважно е дека воведените измени нема да избришат ниту едно лице од евиденцијата, прашање за коешто имаше многу дилеми и шпекулации во изминатиот период.
8. Колку досегашните мерки кои се преземаат за намалување на невработеноста даваат резултати?
- Резултатите од она што оваа Влада го нуди како политика за намалување на невработеноста се евидентни. Податок којшто неодамна го објави и Државниот завод за статистика. Од една страна нудиме Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување коишто секоја наредна година ги содржат мерките коишто дале најголем ефект во претходната година. Досега со шестте Оперативни планови беа опфатени повеќе од 42000 лица, дел од нив преку директни вработувања и работни ангажмани, дел преку обуки и практики за подобрување на нивните работни вештини и способности, со што стануваат поконкурентни на пазарот на трудот и им се олеснува пристапот до работно место. Врз основа на најдобрите практики од изминатиот период ќе биде и Оперативниот план за 2013 година. Од друга страна, морам да ја напоменам и политиката на странски директни инвестиции, којашто дава и уверен сум дека ќе продолжи да дава одлични резултати. Досега во странски компании во земјава се вработија неколку стотици граѓани и тој тренд ќе продолжи и следната година имајќи ги во предвид најавите и проекциите на компаниите за нивни капацитетни и кадровски проширувања.
9. Најавивте отварање нови градинки, дополнителни вработувања и обуки во постојните. До каде е тој процес?
- По цели 20 години во РМ се отвори нова детска градинка. Од друга страна, капацитетите на постоечките интензивно се прошируваат, бидејќи потребата е голема и реална. Неколку комплетно нови градинки во изградба, проект со усвоен акциски план за отварање на нови 14 градинки во рурални места во 13 општини во следната година. Во постапка е носењето на нов Закон за заштита на децата кој предвидува следење на модерните и нови текови кога станува збор за згрижување на децата од предучилишна возраст, инклузија на социјално ранливи категории на дечиња во градинките и низа други работи се доказ дека оваа Влада вложува во најголемото богатство на една земја, вложува во сопствената иднина, во правилниот раст и развој на децата.
Како резултат на сето тоа, произлезе и потребата од ангажирање на дополнителен кадар во градинките, што беше потврдено и со одлука на владина седница. Веќе е изработен и акциски план со утврдена временска динамика, на еден транспарентен начин преку јавни огласи за вработување да бидат ангажирани 252 лица воспитувачи, негователи, технички кадар, како и ангажирање на 54 логопеди во сите градинки во земјава, а во насока на подобрување на квалитетот на згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст. Дел од огласите се активни во овој момент и сите заинтересирани лица коишто ги исполнуваат условите можат да аплицираат за работен ангажман.
10. Ве обвинуваа за дискриминација на ЛГБТ заедницата поради вашиот искажан став за можноста тие да склучуваат бракови или посвојуваат деца. Дали и натаму останувате на мислење дека земјата не е подготвена да го овозможи тоа?
- Јас во неколку наврати го потврдив мојот личен став и ставот на партијата на којашто припаѓам. И тој став останува непроменет. Слободно побарајте мислење од јавноста по однос на ова прашање и ќе видите дека мнозинството не е подготвено за било какви модификации на формата на бракот којшто во РМ од секогаш бил дефиниран како заедница помеѓу еден маж и една жена. Во овој момент нам како нација ни се потребни мерки за зголемување на наталитетот, а тоа бракот помеѓу лица од ист пол практично не го овозможува.
11. За крај, едно прашање надвор од политиката. Важите за прилично активен политичар...Колку времето ви дозволува да бидете со семејството, и еве, да откриеме пред јавноста каде ќе ја прославите новата година?
- Со правилна организација и распределба на обврските и нивно навремено извршување, што значи одговорност кон тоа што го работите, преостанува време за сé. Секој слободен момент го користам да бидам со најблиските, сопругата и ќеркичката коишто се мојот најголем извор на енергија. Особено радоста, задоволството и насмевките на мојата ќерка. За новогодишната прослава ќе бидам со нив, во Маврово.
Извор: МИА
Новинар: Славица Стефановска