Пуштена во употреба спортска сала во средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во општина Бутел
Спортска сала е пуштена денеска во употреба во средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во општина Бутел. Салата е изградена на површина од 1.300 метри квадратни, има капацитет од 400 седишта и е опрема со сите потребни спортски реквизити. За оваа намена, Владата од својот Буџет одвои околу 40 милиони денари.
Салата во употреба ја пушти премиерот Никола Груевски, кој во обраќањето пред присутните рече дека спортот треба да биде нераскинлив дека од животот на младите луѓе и нивните секојдневни активности.
- Ние како Влада сме свесни за потребата од спортска инфраструктура, како што е оваа сала и секогаш ќе се трудиме за младите да се изградат што повеќе спортски објекти. Со спортот сите се радуваме, со успесите во спортот сите се гордееме. Со повеќе спортска инфраструктура ќе има повеќе и повеќе успешни спортисти, посочи Груевски.
Во тој дух, рече премиерот, Владата во општина Бутел во соработка со локалната самоуправа и градоначалникот Петре Латиновски ги изгради спортските сали „Андон Димитров“, „Иван Хаџи Николов“ и тениското игралиште во училиштето „Ацо Шопов“, каде младите спортски таленти веќе активно спортуваат и се рекреираат.
Тој ги поздрави и проектите кои изминатите неколку години се реализираа во општина Бутел и упати честитки за новите спортски терени, новата општинска зграда, новите патишта во должина од 35 километри, новите 20 километри водоводна мрежа, тротоари, патеки, илјадници метри ново училишно осветлување и други проекти.
- Ние како Влада и во иднина ќе продолжиме да ја поддржуваме општината Бутел, да финансираме дел од овдешните проекти и ред со ред да ги решаваме сите отворени прашања кои ги загрижуваат граѓаните, додаде премиерот Никола Груевски.
Министерот за образование и наука Панче Кралев во обраќањето пред присутните истакна дека изградбата на оваа сала претставува дел од проектот на Владата „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“, кој Министерството веќе пет години успешно го реализира.
- Овој проект предвидува во сите оние училишта каде немало спортска сала, да биде изградена нова, а веќе постоечките спортски сали да бидат доопремени со спортски реквизити. Спортот има моќ да сплотува, да го гради принципот на почит кон противникот и фер играта, принципи кои особено денес ни се потребни во сите сфери на живеење. Уверен сум дека реализацијата на проектот на Владата „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“, ќе ги мотивира младите да спортуваат, да се натпреваруваат и да се дружат, рече Кралев.
Паралелно со тоа, потенцира тој, ќе се мотивираат сегашните ученици да членуваат во спортски клубови, репрезентации и да се натпреваруваат за постигнување на што подобри резултати во спортот за кој самите се определиле.
- Верувам дека со отворањето нови спортски објекти ќе се создадат услови за откривање нови таленти во разни спортски дисциплини, идни освојувачи на медали кои достојно ќе ја промовираат Република Македонија во меѓународни рамки, додаде министерот Кралев.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски рече дека Градот Скопје во изминатите четири години вложил 85 милиони денари за реновирање и реконструирање на училиштата во градот.
- Во изминатите четири години Градот Скопје вложуваше и во опремување на спортските сали во училиштата. За потребите на средното училиште „Зеф Љуш Марку“ беше набавена училишна опрема во вредност од 500.000 денари, медицинска опрема, како и опрема за видео надзор. Сите вакви вложувања во образованието доведуваат да се подобрат условите за образование на учениците во средните училишта во Градот Скопје, додаде Трајановски.
Директорот на средното училиште „Зеф Љуш Марку“, Митат Рамадани истакна дека квалитетната настава со создадени оптимални услови им овозможува на учениците на директен начин да бидат сериозни и достоинствени конкуренти на пазарот на труд.
- Со овој свечен чин ние денес го заокружуваме процесот на комплетирањето на улилишниот простор, а за нашите ученици ова значи создавање оптимални услови за остварување на наставната програма која ќе овозможува квалитетна настава и успешна професионална подготовка за нашите ученици, додаде Рамадани.