Со заедничка соработка намален бројот на лажни азиланти во Швајцарија
Владата ќе продолжи со сите мерки кои досега ги преземаше, а ако е потребно дел од мерките ќе бидат и зајакнати, со цел бројот на лажните азиланти и понатаму да опаѓа односно да не се доведе во прашање визната либерализација која несомнено е најголемата придобивка од евроинтеграциите досега за граѓаните на Република Македонија и е од корист за сите граѓани и да не биде ставена во прашање заради неодоговорно однесува на мал број поединци.
Ова го потенцираше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по денешната средба со директорот на Федералната канцеларија за миграции на Швајцарската конфедерација Марио Гатикер, со кого, како што оцени имале успешен и конструктивен состанок, на кој е разговорано за прашања од значење за Македонија и за Швајцарија, како земја во која има околу 80 илјади македонска дијаспора. Во фокусот на разговорите било прашањето на миграциите по добивањето на визната либерализација, како и за продлабочување на соработката во сите полиња.
По барање на новинарите да ја коментира дискусијата што се води за евентуално укинување на визната либерализација, Јанкулоска истакна дека дискусија на која било тема во рамки на ЕУ е легитимна и ние, подвлече, не ќе може да влијаеме на наметнување на темите, ниту пак во голема мера може да влијаеме на исходот од тие дискусии.
- Она што ние можеме да го направиме и во континуитет го правиме е да ги зголемиме напорите за да ги спречиме лажните азиланти односно да покажеме дека институциите во Република Македонија се ефикасни и ефективни, функционираат и оти имаме потенцијал да се справиме со проблемите со кои се соочуваме, рече министерката за внатрешни работи, додавајќи оти се прават сите напори не само да ги убедиме, туку и да покажеме резултати на планот на спречување на лажните азиланти.
Со Швајацарија, посочи таа, успеавме да го намалиме бројот на лажни азиланти за релативно кратко време, што е пример за тоа дека доколку заедно се работи и има меѓусебно разбирање резултатите може да дојдат. Со заеднички ангажман на надлежните институции Швајцарија и Македонија успеаја во релативно краток рок проблемот со лажните азиланти односно бројот да почне да опаѓа, а целта е да се доведе до прифатливо ниво, а крајно да се сведе на нула.
Директорот Гатикер појаснувајќи оти правната рамка за оваа соработка е потпишаниот договор за реадмисија, нагласи оти постои одлична соработка со македонската Влада на сите нивоа.
За Швајцарија, истакна Гатикер, во Република Македонија нема политичко прогонство и Македнија е безбедна земја на потекло. Тој меѓу другото информира дека во 2010 година годишно од Македонија во Швајцарија азил барале до 200 лица, додека по визната либерализација во 2011 година бројот се зголемил на 900, а до крајот на ноември 2012 година тој број се зголемил на 1.200 годишно, така што само во јули и август биле поднесени 200 барања месечно. По превземените заеднички мерки, бројот на поднесени барања на азил паднал на само 12 - тина.
Според директорот на Федералната канцеларија за миграции на Швајцарската конфедерација Гатикер забрзана постапка од 48 за разгледување на поднесените барања за азил, укинување на финансискиот додаток и продлабочена соработка со Република Македонија, се дел од пакет мерките кои ги превзема Швајцарија за намалувањето на бројот на лажните азиланти.