Министерството за труд продолжува со подобрување на работничките права

Министерството за труд и социјална политика и оваа година продолжува со немилосрдна борба против вработувањето на црно и сите останати нерегуларности во делот на работни односи и безбедност при работа.

Најчестите злоупотреби на правата на работниците, како што истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, се случуваат за време за празници кога практично на сите ангажирани лица треба да им се исплати празнична дневница која е за 150 проценти повисока од регуларната.

- Но, во реалноста сведоци сме на една поинаква состојба. Неисплаќањето на празнична дневница всушност значи една потешка злоупотреба на човечкиот труд кој што останува нереално платен и ескплоатиран, а тоа е еден од најголемите демотивирачки фактори за самите работници, а од друга страна дополнителен нерегуларен профит за работодавците, рече Ристовски.

Доколку е констатирано непочитување на законска одредба, како што појасни министерот, работодавецот со решение се задолжува тоа да го стори во рок од 15 дена, во спротивно следуваат казни чии износи се од 6.000 до 7.000 евра во денарска противвредност.

Во областа на работните односи во 2012 извршени се вкупно 29.867 испекциски надзори, од кои 24.346 редовни и 3.578 контролни инспекциски надзори и 1.943 надзори по барање од странки.

Во областа на безбедност и здравје при работа извршени се вкупно 12.680 инспекциски надзори од кои 9.257 редовни, 138 надзори од законот за пушење, 3.143 контролни инспекциски надзори и 142 инспекциски надзори по поднесени претставки.

- Во 2012 година регистрирани се 10 смртни случаи и нема колективни повреди на работа, што исто така значи намалување во однос на 2010 и 2011 година кога имаше 12 смртни случаи на работни места, нагласи Ристовски.

Тој додаде дека ќе продолжат да работата во насока на намалување на сивата економија и подобрување на правата на работниците.

-Само целосната примена на законите и успешните инспекциски надзори над примената на законите и подзаконските акти од трудовото законодавство се гаранција за добра економска клима, за добри услови на пазарот на трудот, како и за безбедна работа на вработените на работните места, додаде министерот Ристовски.