Отворена постојаната поставка во Музејот на Старата скопска чаршија
Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска ја отворија постојаната поставка во Музејот на Старата скопска чаршија, депанданс на Музејот на Град Скопје, сместен во просториите на Сули Ан.
Музејот на Старата скопска чаршија е сместен на 473 метри квадратни, од кои 355 метри се изложбен простор. Изложени се околу 340 музејски експонати - 328 етнолошки предмети, фотографии, паноа, монети и керамички предмети, сите датираат од Чаршијата. Пронајдени се во Старата скопска чаршија и Скопско Кале.
Министерката Канческа - Милевска истакна дека во овој Музеј се презентирани многу вредни артефакти и експонати кои, како што рече, во историски контекст ја раскажуваат и потврдуваат приказната на Чаршијата.
- Новата музејска поставка е уште еден успешен проект кој е во функција на ревитализацијата на Старата скопска чаршија и кој верувам дека уште повеќе ќе го испровоцира вниманието на граѓаните и на посетителите на Скопје да го посетат овој музеј, рече Канческа - Милевска.
Новата музејска поставка, како што рече, содржи повеќе сегменти кои автентично и документирано ни го прикажуваат растот и развојот на Старата чаршија. Историскиот дел на поставката преку карти, фотографии и планови ја презентира историјата на целиот лев брег на реката Вардар, од 19 век до денес. Етнолошкиот дел ја прикажува нашата култура на живеење, обичаите и македонските традиционални домашни уметнички вештини.
- Од своето основање, па се до денес Музејот има обврска да ја презентира, негува и чува материјалната и духовната култура на чаршијата низ вековите, како вредно и бесценето културно наследство благодарение на кое се создала и издигнала Старата скопска чаршија во една од најубавите и најголемите сочувани чаршии на Балканот, рече Трајановски.
Тој потсети дека Град Скопје за реновирање на Сули Ан издвои 3 милиони и 400 илјади денари.
Археолошкиот дел на поставката ги презентира предметите добиени со археолошките истражувања во Чаршијата и во Скопското кале во континуитет од средниот век до османлискиот период. Преку монети и керамички предмети се добива слика за животот во чаршијата и претстава за разновидната трговска и културна испреплетеност на овој простор.
Етнолошкиот дел го презентира животот во чаршијата преку неговите најдоминантни професии - занаетчиството, трговијата и угостителството кои егзистираат во сосема изменет вид.
На поставката главен акцент е ставен на повеќе занаети: ќурчиско-кожуварски, папуџиски, терзиско-срмаџиски, кујунџиски, казанџиски и други.
Поставката е придружена со уметнички дела инспирирани од мотивите на Чаршијата.
Застапена е првата генерација на македонски современи ликовни уметници - Мартиновски, Пандилов, Владимирски, Коџоман и други, како и дел од современите ликовни уметници на Македонија - Анастасов, Мазев, Перчинков...
Современиот пристап во музејската поставка, според Музејот на град Скопје, ќе придонесе во подобрата едукација на младите во нивното запознавање со културното богатство на Град Скопје, но и во зајакнувањето на туристичката понуда на градот, затоа што овој музеј е центар преку кој туристите и граѓаните ја осознаваат богатата историја на чаршијата и нејзиното функционирање низ вековите.
Просторот за музејската поставка се реновираше и адаптираше во 2011 и 2012 година.
Значењето на чаршијата само по себе поттикна во 1983 година да се формира Музеј на Старата скопска чаршија, како депанданс на Музеј на Град Скопје, сместен во споменикот на културата Сули-ан.
Старата скопска чаршија е лоцирана во централниот дел од градот на просторот меѓу скопската тврдина, Саат-кулата и кејот на реката Вардар.