Акциски план за вработување на младите до 2015 година
Министерството за труд и социјална политика денеска промвираше Акциски план за вработување на младите до 2015 година, во кој целна група се лицата од 15 до 29 години. Министерот Спиро Ристовски соопшти дека стратешки цели на Акцискиот план се подобрување на ефикасноста на институциите на пазарот на трудот и поттикнување на вработеноста на младите преку развој на приватниот сектор.
Планот предвидува околу илјада млади со завршено средно или високо образование да бидат вклучени три месеци во програмите за практиканство, 500 млади да бидат обучени за почнување сопствен бизнис, тестирање на сите полуматуранти од март до мај за нивно навремено кариерно насочување, како и пилот-тестирање во неколку средни училишта. Планот предвидува до 2015 да се зголеми за 20 отсто бројот на неформално самовработени млади.
- Имплементацијата на Акцискиот план е во тек. Во 2012 од вкупниот број опфатени (7.590) лица од различните активни програми за вработување, 20 проценти се млади лица (1.486). Овој процент во иднина треба да биде уште поголем, што е и цел на нашите заложби, рече Ристовски.
Акцискиот план ќе се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука. Министерот Панче Кралев на прес-конференцијата истакна дека за да се подобрат условите за вработување на младите се адаптираат наставните планови и квотите кон потребите на стопанството.
- МОН работи и на формирање центри за кариера во средните училишта и на сите факултети на државните универзитети. Во средните училишта центрите ќе вршат професионално насочување на ученикот кон област на студии соодветна на неговите афинитети, додека центрите за кариера на на универзитетите претставуваат врска меѓу студентите и корпоративниот бизнис-сектор, рече Кралев.
Потсети и на преземените реформи во средното стручно образование - зголемениот број часови за практична настава и креирање профили според потребите на пазарот на трудот, воведениот задолжителен предмет претприемаштво во средно, зголемувањето на квотите за студенти на техничките факултети и тестовите за професионална ориентација што ќе се применуваат од оваа година.
Акцискиот план ќе се спроведува три години, со 27 милиони евра обзбедени најголем дел од буџетот но и од ИПА-фондовите на ЕУ.
Според евиденцијата на Агенцијата за вработување, во јануари 2013 без работа се регистрирани 58.147 лица на возраст од 15 до 29 години. Најголем дел од нив се од 25 до 29 години, најмногу се во Скопје и во други поголеми градови.