Владата ќе додели повеќе локации за бензински пумпи и придружни објекти

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Со цел овозможување на нови инвестиции, отворање на нови работни места и поддршка на локалниот економски развој, Владата на Република Македонија обезбеди повеќе атрактивни локации во близина на автопати, регионални и магистрални патишта кои се погодни за изградба на бензински пумпни станици односно попатни придружно-услужни објекти.

Имено, извршено е вцртување на маркици за изградба на комерцијални објекти, уредени се имотно правните односи и одобрена е државна урбанистичка планска документација, овозможени се сите услови за инвестирање, со што би се овозможило отворање на нови бизнис единици, вработувања и доход за компаниите, а значајно е што со овие содржини транзитните патници ќе може да придонесат за развојот на националната економија.

Во следниот период се очекува објавување огласи по кои заинтересираните субјекти ќе можат да се пријават за учество во електронско јавно наддавање со цел отуѓување на земјиштето на локациите. Доколку со овој процес се оди во поблиска иднина ќе биде побарано мислење од Државната комисија за спречување на корупција за законските предуслови, или пак евентуално би се одело со огласите во вториот квартал согласно проценките, но значајната работа е што по еден подолг процес на постапување државата ги обезбеди сите процесни претпоставки за можна реализација на овие проекти.

Се работи за следните локации:
Прво, на автопатот Табановце – Гевгелија (М1), односно потегот од влезот во Република Македонија на границата со Република Србија до излезот од земјава на границата со Република Грција:
-   бензинска пумпна станица и услужен центар на локација Рамниште, катастарска општина Ветерско, општина Велес,
-  бензинска пумпна станица и услужен центар на локацијата Чукур Балар, катастарска општина Караслари, општина Велес,
-  бензинска пумпна станица во месност Венуле, катастарска општина Грнчиште, општина Градско,
-  бензинска пумпна станица и услужен центар на локација Голарија, катастарска општина, општина Росоман,
- бензинска пумпна станица и услужен центар во месност Долна Лака, катастарска општина Корија, општина Демир Капија.

Дополнително, во тек е финална постапка за обезбедување на уште една локација на автопатот Табановце – Гевгелија за изградба на бензинска пумпна станица и услужен центар во месноста Кулето, катастарска општина Виничани, општина Градско и откако ќе биде завршена постапката за изложување на земјиштето, оваа локација, исто така, ќе може да биде предмет на отуѓување по пат на електронско јавно наддавање.

Второ, исто така, во следниот период ќе се објават огласи за отуѓување по пат на електронско јавно наддавање за земјиштето со цел изградба на нови бензински пумпни станици и попатни услужни содржини на следниве локации:
- бензинска пумпна станица и услужен центар на регионалниот пат Ново Село – Кадрифаково – Велес – Прилеп (Р526), на локацијата  Корија,  катастарска општина Чалошево, општина Велес,
- бензинска пумпна станица и услужен центар на магистралниот правец Битола – Беровци - Велес (М5), на локацијата Вереч и локацијата Чука, катастарски општини Веселчани и Тополчани, општина Прилеп,
- бензинска пумпна станица и услужен центар на магистрален пат Штип – Радовиш – Струмица (М6), во местата Лакавица и Остреш, катастарска општина Драгоево, општина Штип,
- бензинска пумпна станица и услужен центар на регионален пат Куманово – Свети Николе (Р201) во месноста Длги Рид, катастарска општина Свети Николе,
- бензинска пумпна станица и услужен центар на делницата Штип-Кочани–Делчево (магистрален пат М5), во месноста Бубакиште, катастарска општина Криви Дол, општина Штип.

Оваа активност е со цел да им се помогне на потенцијалните инвеститори кои се заинтересирани да градат објекти од ваков вид, да ги лоцираат погодните локации за реализација на нивните инвестиции и да можат истите да ги откупат по постапка за отуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија по пат на јавно електронско наддавање и на тој начин овозможување на нови директни инвестиции, нови вработувања и зголемување на економскиот раст на Република Македонија.

Дополнително, Владата разработува и дополнителни проекти чија цел е збогатување со содржини на автопатскиот коридор 10 во насока на обезбедување на услови за вршење бизнис и воспоставување на содржини преку кои ќе може да се остварува дополнителен приход за локалните компании и трговци.

Во таа насока се работи на разработка на проектите за организирање и отворање на времени сезонски мали пазари за земјоделски и рачно изработени производи на локации кај Куманово, Велес, Градско, Неготино, Демир Капија, Удово и Смоквица.

Во почетна фаза на разработка се проекти за можностите за обезбедување на локации на кои ќе биде возможно отворање на аква паркови. Првиот просторен потег на кој се разгледуваат опциите е во близина на Велес, кај езерото Младост, а вториот е на потегот помеѓу Струмица и Гевгелија, и за двата проекти се прават анализи и проценки на исплатливоста на проектите, а доколку се утврди целисходност на постапување тогаш ќе се продолжи со обезбедување на процесните претпоставки.

Посебно се разработува можноста и опцијата за комплетно уредување и осмислување на содржина на големиот паркинг кој се наоѓа на автопатската делница Катланово Велес, лоциран на 200 метри од границата на општината Петровец со општина Велес.

Владата ќе продолжи со проекти чија цел е поддршка на економијата и економскиот развој, обезбедување на услови за инвестиции и отворање на нови работни места.