Џафери: Македонија останува доследна на придонесот во Авганистан и по 2014 година
Република Македонија дава долгорочен и активен придонес во рамките на силите ИСАФ, во изградбата на безбедноста и севкупниот развој на Авганистан и подготвено ќе учествува во транзицијата на одговорноста за безбедноста на Авганистан во рацете на авганистанскиот народ, истакна министерот за одбрана Талат Џафери во денешното обраќање на состанокот на министрите за одбрана на НАТО-земјите со министрите за одбрана на земјите-учеснички во силите ИСАФ во Брисел.
Во контекст на учеството на Македонија во мисијата по 2014 година, Џафери истакна дека остануваме доследни на девизата на НАТО „заедно внатре – заедно надвор“ и дека и по 2014 година ќе продолжиме да придонесуваме кон остварувањето на заедничката цел – безбеден, демократски и просперитетен Авганистан.
Во рамки на министерскиот состанок, новиот командант на силите ИСАФ генералот Џозеф Дуфорд ги запозна присутните за ситуацијата во Авганистан, додека претседавачот на Воениот комитет информираше за планирачкиот процес за мисијата во Авганистан по 2014 година.
Имајќи предвид дека НАТО и оперативните партнери во ИСАФ во континуитет ја демонстрираат својата посветеност кон Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН посветена на жените, мирот и безбедноста, на состанокот стана збор и за имплементацијата и изработката на извештајот за соодветната резолуција.
На маргините на состанокот, министерот Џафери оствари поголем број билатерални средби со министри за одбрана на земји-членки и земји-партнери на Алијансата, меѓу кои и со секретарот за одбрана на САД во заминување Леон Панета, со заменикот генерален секретар на НАТО амбасадорот Александар Вершбоу и со командантот на Здружената врховна команда за Европа адмиралот Џејмс Ставридис.
Во моментов во силите ИСАФ во Авганистан, Република Македонија учествува со 158 мировници распоредени на должност обезбедување на главната команда во Кабул, како и во составот на мешовитиот тим за обука на Авганистанската национална армија. Досега во рамките на ИСАФ учествувале над 2.100 припадници на Армијата на Република Македонија.