Обраќање на министерот Никола Попоски на на 22-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска имаше свое обраќање на Сегментот на високо ниво на 22-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации.
Министерот во своето обраќање се осврна на главните прашања на агендата на Советот за човекови права, настаните кои ја одбележаа минатата година во светот, а имаа свое влијание врз човековите права, како и на приоритетите на Република Македонија во сферата на заштитата на човековите права и нивно промовирање на национално и на меѓународно ниво.
Притоа го потенцираше и следново: „Раководена од желбата да придонесе кон заштитата и промоцијата на човековите права насекаде низ светот, Република Македонија одлучи да поднесе кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016 година. Дозволете ми да ве уверам дека Република Македoнија ќе продолжи да ги поддржува и промовира највисоките стандарди на човекови права. Доколку бидеме избрани во Советот, ќе бидеме силен глас во насока на целосно спроведување на сите обврски за човековите права од страна на сите држави, на начин кој ќе има ефект врз секојдневниот живот на луѓето и ќе донесе конкретни резултати на терен.“
На маргините на сесијата, МНР Попоски оствари средба со Генералниот директор на Канцеларијата на Обединетите нации во Женева, Касим - Џомарт Токајев. МНР Попоски и ГД Токајев разменија мислења за главните активности на Обединетите нации во Женева, како што се разоружување, развој, економски и социјални прашања и човековите права. МНР Попоски средбата со првиот човек на ОН-Женева ја искористи за промовирање на кандидатурата на РМ за членство во Советот за човекови права.
Министерот Попоски имаше билатерална средба со Рајнхолд Лопатка, државен секретар за европски прашања на Австрија, при што ја искористи приликата да го запознае соговорникот со најновите преземања на Македонија во евро –интегративниот процес. Се осврна на прашањата на реформата во доменот на медиумите, судството и јавната администрација кои ќе бидат дел од априлскиот Извештај на ЕК за постигнатиот напредок. Средбата беше искористена да разменат и мислења и поддршки за кандидатурите на двете земји во рамките на ООН.