Министерството за здравство воведува електронски систем за евиденција на здравствените податоци

Матичните лекари и специјалистите електронски ќе внесуваат здравствени податоци. Министерството за здравство воведува електронски систем за евиденција на здравствените податоци со што ја заокружи имплементацијата на Интегрираниот здравствен информатички систем (ИЗИС).

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека ИЗИС е поставен со 35 регистри (обрасци кои ќе се пополнуваат електронски) кои се негови суштински делови.

- Со националниот систем за закажување, со комплетното електронско досие на пациентот, со целосното поврзување со Фондот за здравствено осигурување, со системот за пресметка на плата по успешност и со поврзувањето со електронската здравствена картичка, ние го имаме добиено ИЗИС. Тој многу набрзо ќе биде надограден уште неколку други елементи за кои сметавме дека се од исклучителна важност, како што е електронскиот рецепт..., потенцира Тодоров.

Обрасци, потенцира тој, досега беа пополнувани од матичните лекари или од страна на здравствените установи рачно, и потоа беа испратени до Институтот за јавно здравје каде потоа исто така рачно беа обработувани.

- Македонија беше една од земјите која немаше доволно развиена здравствена статистика која е од есенцијално значење за креирање политики и добро поставување на здравствените политики користејќи точни и навремени информации од целиот здравствен систем, истакна Тодоров.

Станува збор за регистри за малигна неоплазма, за откривање на предканцерогени промени на грлото на матката, извештај за рано откривање на рак на дојка, за колоректален карцином, за шеќерна болест, за породување, оплодување со биомедицинска помош, абортус, пријава на вродени пореметувања на метаболизам, евиденција за вродени аномалии, пријава за деца со посебни потреби, за инсхемична болест на срце, за цереброваскуларни болести, за бубрежна инсуфициенција, за психози, за корисници на дроги, зависници од алкохол, интоксикација, сообраќајна траума, насилство, семејно насилство, стационарно лекувано лице итн.

- Со сите овие 35 регистри веднаш се добиваат конкретни податоци за сите овие состојби во здравството. На пример за состојбата со дијабетесот во државата-колкав е бројот на дијабетичарите, колку се инсулин зависни, колкав период се на терапија. Овие податоци се од витално значење не само за креирање на здравствената политика, туку и за научно-истражувачка работа и за подобар пристап во лекувањето од страна на здравствените работници, додаде Тодоров.