Потишан меморандум за разбирање за заштита на природата во Брегалничкиот регион

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и амбасадорот на Швајцарија Стефано Лазарото денеска потпишаа меморандум за разбирање за спроведување на проектот Програма за заштита на природата во Македонија, а се однесува на Брегалничкиот регион.

Програмата, според ресорниот министер, ќе придонесе заинтересираните страни на национално, регионално и локално ниво ефективно да ги зачуваат природните ресурси во регионот, интегрирајќи ги современите пристапи за нивно зачувување и одржливо управување и планот за локален економски развој.

Преку реализацијата на проектот, Адеми посочи дека треба да произлезат Национална стратегија за заштита на природата, како важен стратешки документ кој содржи долгорочни основи на политика на заштита на природата, валоризација на природните вредности на Малешевските Планини, креирање јавна свест за придобивките од заштитените подрачја кај главните заинтересирани страни во Брегалничкиот регион и изработка на Стратегија за комуникација, изготвување нацрт-Просторен План за Источен плански регион и интегрирање на природните вредности од горниот дел на Брегалничкиот регион, промоција на иницијативи за одржливо земјоделство,...

- Со ваков интегриран пристап, заснован на висока усогласеност со европските директиви, Конвенцијата на Обединетите нации за биолошка разновидност и другите меѓународни договори се очекува да се обезбеди заштита на природата и одржливо управување и користење на комопонентите на биолошката разновидност во регионот, рече Адеми.

Швајцарскиот амбасадор Лазарото истакна дека со резултатите од програмата треба да се овозможи подобар живот на населението од овој регион преку одржливо искористување на достапните природни ресурси. Брегалница, како што рече, е една од најинтересните области поради разновидноста на топографските елементи, геолошката разновидност, распределбата на водите, микроклиматските услови, како и присуството на животинските и растителните видови.

- Присутните економски и социјални фактори во овој регион одразуваат состојба на сиромаштија кај населението, висока стапка на невработеност, ограничени економски можности, како и ниска свест што резултира до висока загуба на биолошката разновидност и неодржливо искористување на природните ресурси. Со новата програма се очекува да се овозможи ефективно управување со природните ресурси преку примена на принципите со одржливо управување со природните ресурси, како и најсовремен пристап кон нивна заштита, рече Лазарото.

Програмата за заштита на природата во Македонија предвидено е да трае четири години, односно до крај на 2016 година, а за негова реализација Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди 4,9 милиони швајцарски франци.