Кампања за заштита на децата од злоупотреби на интернет

 

Владата  во соработка со приватниот и невладиниот сектор денеска почна кампања „Сурфај безбедно“ со цел преку повеќе активности  да ја зајакне заштитата на децата од сексуални злоупотреби на интернет. 

Клучна активност од кампањата е можноста родителите да инсталираат софтвер за контрола на децата при користење интернет. За  разбирање на ризиците и опасностите на кои се изложени децата на интернет  преку кампањата ќе се делат флаери, водичи и постери и за децата и за родителите со совети и препораки.

- Многу е значајно да се заштитат децата, да бидат добро информирани и да знаат со кого разговараат на другата страна затоа што наведувањето на интернет се прави преку лажни профили или преку профили преземени од деца со тоа што се искористуваат младите за сексуална  злоупотреба или прикажување порнографски материјали, или за наведување  да добијат  снимки од нивното тело,  укажа министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на заедничка прес-конференција со претставници на институциите вклучени во кампањата.

За потребите на кампањата  Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) изработи веб страница  www. surfajbezbedno.mk преку која може да се преземе софтверот за родителска грижа. Активацискиот клуч за софтверот може да се најде во печатените водичи што ќе се дистрибуираат за родителите.

Според директорот на АЕК Роберт Орданоски, со едноставно инсталирање на софтверот родителите имаат можност во секое време да бидат во тек со она што нивните деца го гледаат на интернет. Откако ќе се инсталира софтверот, има можност едноставно да се креира родителски и детски профил, да се уреди со бројот и видот на веб страници што може да се користат. - Софтверот нуди можност да се ограничи времето за користење интернет, да се направи распоред по денови, месеци и часови кои родителот му ги става на располагање на своето дете. По искористеното време софтверот автоматски му го прекинува пристапот до интернет на детето, појасни Орданоски.

Министрите за образование и наука и за труд и социјална политика Панче Кралев и Спиро Ристовски упатија пораки до учениците, родителите и старателите за подигање на свеста затоа што покрај придобивките интернетот носи и ризици, кои бараат одговорност. 

-  За да биде интернетот убаво и позитивно искуство мора да бидете способни да разликувате кои интернет содржини се точни, а кои не, какви фотографии може да се постават он лајн, а какви не. Вие треба да го сфатите и значењето  на поимите приватност и углед и како да ги зачувате, наведе Кралев.

Министерот Ристовски, пак, истакна дека промените во дигиталниот свет водат кон нови можности, но и предизвици за сите. - Да се потсетиме дека и како родители и како старатели речиси секогаш сме првата и последна, но и најдобрата линија за заштита на нашите деца, нагласи Ристовски.

Тим на кампањата, со претставници на МИОА, УНИЦЕФ, ФИНКИ, АЕК  и од невладиниот интернет  хотлајн провајдер од следниот петок од Велес ќе почне патувачки караван, со кој до крајот на  училишната година ќе ги посети сите основни и средни училишта во државата. Со поддршка на МПМ ќе бидат испечатени 1.200 постери за основните и средните училишта, а во 120.000 примероци водичи за родители, кои од следната недела ќе бидат дистрибуирани преку печатените медиуми.

Според податоците на Меѓународната организација на потрошувачи, што ги претстави заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, профил на Фејсбук имаат 7,65 милиони  деца помали од 13 години, од кои 5 милиони помали од 10 години. Во Обединетото Кралство секое осмо новороденче има профил на Фејсбук, а половината од нив дури и пред да се родат. Многу родители и не знаат дека Фејсбук забранува приклучување на деца под 13 години,  а има и родители кои им помогнале на своите деца да ги заобиколат правилата. Четириесет и шест проценти од децата изјавиле дека преку социјалните мрежи објавиле или проследиле фотографија или информација за која подоцна се каеле, а 49  проценти од децата се  спријателиле со непознат. Половина од нив го откриле своето име и презиме,  адреса на живеење, телефон и училиштето во кое учат.