Изградба на нова детска градика во Ѓорче Петров

Изградба на нова детска градинка со капацитет да згрижува двесте деца на местото на постојната „Кокиче“ во општината Ѓорче Петров, најавија денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митревски.

Министерот Ристовски појасни дека нема економски оправдани услови да се инвестира во реновирање на постојниот објект на градинката и оти поради тоа е донесена одлука да се изгради нов, пред се, како што истакна, што тоа ќе овозможи заштеди преку енегретската ефикасност на новиот објект, но и подобри услови за згрижување на децата.

- Во изминатите неколку дена со неколку градоначалници најавивме реализација на неколку проекти кои се однесуваат на децата. Тие се од големо значење не само за најмалите, туку и за нивните родители, бидејќи тоа претствува економско и социјално олеснување за нив, особено во услови кога првата нова градинка во Македонија по 1985 година беше пуштена во употреба лани во Ѓорче Петров, рече Ристовски.

Додаде дека во периодот додека се гради новата градинка децата кои сега се тука згрижени ќе бидат разместени во други детски градинки, но и во адаптирани простории во новото училиште кое се гради во овој дел од Ѓорче Петров.

- Постојната градинка е изградена во 1965 година. Таа навистина е амортизирана и до максимум искористена. Чиниме крајни напори да одржиме добри услови за згрижување на децата и за работа на персоналот. Условите сега се пристојни, но за тоа општината издвојува многу средства, особено во зимскиот период за да се овозможи објектот да биде загреан, рече Митревски.

Тој додаде дека проектите за градинката, за кои биле обезбедени средства, се веќе готови и оти изградбата би почнала во текот на наредната година и етапно би била завршена до крајот на 2016 година.

Според него, градинката би требало да биде со капацитет од околу 200 деца, со што, како што истакна, би се задоволите потребите на населението на овој дел од општината.