Министерот Џафери се сретна со германскиот амбасадор Штајнакер

 

Сојузна Република Германија е една од земјите со која Република Македонија има најразвиена и најсеопфатна билатерална соработка во одбраната и безбедноста, истакнал министерот за одбрана Талат Џафери, на денешната средба со германскиот амбасадор Гудрун Штајнакер.

На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, станало збор за аспирациите на Република Македонија за членство во евроатлантските структури, како и за идните можности за продлабочување на меѓусебната соработка, која опфаќа повеќе елементи, меѓу кои и едукација на припадници на АРМ на високите школи во Германија, континуирани јазични обуки, како и соработка во рамките на меѓународните мировни мисии.

Соработката меѓу двете земји се базира врз Спогодбата за соработка на воено поле од 1996 година. Годишната програма за соработка се состои од активности од различни домени меѓу кои и одбранбената политика, вооружените сили во демократски општества, логистиката, воената медицина, активностите од областа на АБХО и сл., се вели во соопштението од Министерството за одбрана.