Пуштени во употреба реконструираните училишта во Горно Коњари и Сушица

 

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска ги пушти во употреба реконструираните објекти на подрачните основни училишта во село Горно Коњари и село Сушица, кои работат во состав на основното училиште „Братство-Единство“ од Средно Коњари.

Во училиштето во Сушица реновирани се две училници, а во училиштето во Горно Коњари една училиница, просторија за наставниците и ходник. Во двете училишта сменети се прозорците и надворешните врати, поставена е термичка фасада и покрив, поставени се нови високо ефикасни печки на дрвени палети, како и нови светлосни арматури со флуоресцентни светилки. При реконструкцијата, применети се мерки за енергетска ефикасност во јавни згради, како дел од проектот поддржан од Министерството за економија - ГЕФ проект за одржлива енергија.

Целокупната реконструкција на училиштата чини 3 милиони денари од кои 1,5 милиони денари се обезбедени од буџетот на општина Петровец, а 1,5 милиони денари се средства од Светската банка.

Во основното улилиште во с. Горно Коњари учат осум ученици од 1-во до 5-то одделение комбинирани во една паралелка, а наставата ја држи еден наставник кој патува од Скопје. Во основното училиште во с. Сушица учат шест ученици од 1-во до 5-то одделение комбинирани во една паралелка, а наставата ја држи еден наставник кој патува од Катланово.