Ново училиште ќе се гради во Железара

 

Скопската населба Железара ќе добие ново основно училиште. На местото на бараките од пред 50 години на ОУ „Григор Прличев“, ќе се изгради нов објект, со средства од Светска банка. Проектот беше денеска промовиран во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски.

- Во соработка со Владата успеавме да обезбедиме средства и да ја заокружиме финансиската конструкција која е потребна за изградба на ова основно училиште. По 50 години на ова место се планира да се почне со изградба на нов објект, кој е во вредност од 90 милиони денари и во него се планира да учат околу 500 ученици, рече Трајковски.

Министерот Ставрески истакна дека Владата обезбеди 90 милиони денари од проектот со Светска банка за поддршка на општините во вредност од 56 милиони евра, со цел оваа градска населба да добие ново училише по 50 години.  

Според него, ова е најдобар начин да се покаже дека заедно може да се постигне повеќе и да се направат дела кои помагаат за подобрување на условите за живот на граѓаните и на оние најмладите.

- Општината Гази Баба на ефикасен начин ја подготви проектната документација која ги помина сите филтри на Светска банка и проектот од нивна страна е одобрен, рече Ставрески додавајќи дека во рамки на проектот од Светска банка средства имаат добиено 28 општини за изградба на училишта, реновирање училишта, за улици...

Врвен приоритет на Општината, како што рече Трајковски, е изградба на училишта и најави дека покрај ова ќе се градат уште две нови училишта.