Во Клиничката болница во Штип инсталиран најсовремен дигитален рентген апарат

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети рентген одделението во Клиничката болница во Штип, каде што е инсталиран нов дигитален рентген апарат, кој ќе биде пуштен во употреба наредната седмица. Тодоров изјави дека во штипската Клиничка болница има низа инвестиции кои ги прави Министерството, а во интерес на пациентите не само од Штип, туку и од целиот источен регион.

- Новиот рентген апарат е веќе инсталиран и тој е целосно дигитален, а според мене најважно е што самиот го мери нивото на радијација, може да го снима пациентот во каква било положба, кое е големо олеснување за неподвижните пациенти или оние кои се снимаат по сообраќајните несреќи. Исто така, ќе обезбеди и сериозна финансиска заштеда затоа што досега со аналогниот рентген се издаваа филмови кои чинеа од околу 800 денари, а со дигиталниот рентген тоа ќе чини пет или 10 денари и на тој начин ќе имаме сериозна здравствена заштеда, посочи Тодоров.

Тој рече дека во рентген одделението при Клиничка болница-Штип има големи и континуирани инвестиции во апарати и оти се создадени сите услови за пуштање на употреба на ангиографот. Тој целосно ќе биде пуштен во употреба во наредните 30 дена.

Министерот Тодоров додаде дека сериозна инвестиција за регионалниот центар на Источна Македонија е и акцелераторот за кој треба да се изгради бункер. Најави дека тој апарат ќе биде пуштен во употреба за можните околу 200.000 пациенти од Источна Македонија за 30 дена или месец и половина.