Вратена ноќната служба во поликлиниката „Идадија“
На барање на граѓаните од општина Центар од утре ќе почне со работа ноќната служба во поликлиниката „Идадија“, информира министерот за здравство Никола Тодоров.
- Кон овој дел гравитираат околу 60.000 луѓе и овие граѓани немаа пристап до ноќна служба во близина на нивното место на живеење. Најблиската ноќна служба беше во поликлиниката „Бит Пазар“, заради тоа одлучивме да обезбедиме нови согласности за вработување во здравствениот дом-Скопје, изјави денеска Тодоров.
Дежурствата на ноќната служба во поликлиниката „Идадија“ беа укинати во 2007 година, поради, како што рече ресорниот министер, недостиг од персонал.
Градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ ја поздрави одлуката за повторно отворање на ноќната служба и најави обновување на паркинг просторот и детското игралиште, како и хортикултурно уредување на дворот од поликлиниката.