Oд седницата на Владата одржана на 15.11.2011 година

С О О П Ш Т Е Н И Е

Владата на Република Македонија на вчерашната редовна седница расправаше за информации, предлози за законски измени и одлуки поврзани со реформските процеси во повеќе области. Во делот на реформата на јавната администрација, Владата на вчерашната седница ја разгледуваше информацијата за воведување на систем на управување заснован на компетенции во државната служба во Република Македонија, базиран на моделот кој што се применува во Велика Британија, при што беше заклучено во наредниот период Министерство за информатичко општество и администрација да пристапи кон подготовка на оперативен план за транспонирање и адаптирање на најдобрите практики од овој модел во процесот на реформа на јавната администрација во Република Македонија.

Владата ја разгледуваше информацијата подготвена од Агенцијата за храна и ветеринарство со која се предлага воведување на либерализација на ветеринарните услуги од секундарната здравствена заштита на животните со цел добивање поквалитетни ветеринарни услуги и конкурентност, при што беше заклучено да се пристапи кон подготовка на соодветни законски измени кои ќе ја инкорпорираат оваа реформа.

На вчерашната седница Владата расправаше и го утврди текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки чија што цел е да се допрецизираат конкретни одредби кои во изминатиот период беа предмет на субјективни толкувања, а воедно се предлагаат и новини кои треба да допринесат за севкупното унапредување на системот за јавни набавки на Република Македонија. Во таа насока, се предлага воведување систем на задолжителна сертификација на лицата за јавни набавки, согласно препораките од Европската комисија, со цел зголемување на одговорноста на лицата кои работат во областа на јавните набавки, потоа кај барањето за прибирање на понуди до 5.000 евра се пропишуваат одредби за задолжителна објава и задолжителни е-аукции, се воведува заштитен механизам за договорните органи со воведување на негативни референци за оние економски оператори кои ќе потфрлат при реализација на нивните обврски од договорите за јавни набавки или ќе се повлечат од постапката, а воедно се предвидува и целосен механизам за имплементација на оваа мерка.

Владата ја разгледуваше и информацијата со акционен план подготвен од Агенцијата за млади и спорт за спроведување на активностите за неколкугодишната изградба на два 25-метарски затворени базени во Охрид и Крушево, согласно стандардите на ФИНА соодветни за ватерполо и пливање. Изградбата на овие базени е дел од проектот “Изградба на 9 пливачки базени”, а нивната реализацијата треба да започне во средината на 2012 година.

На владината седница се расправаше и за информацијата со акционен план подготвени од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, во кои се дефинира динамиката на реализацијата на потребните активности во делот на капиталните инвестиции за изградба и развој на ТИР Зоните во Република Македонија. За оваа цел, за 2012 година предвидени се и обезбедени средства во износ од 518.000.000 денари.

Владата ја разгледуваше и информацијата подготвена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во врска со реализацијата на проектот за пазарно информативен систем преку кој ќе се обезбедуваат дневни, неделни, месечни и годишни информации од пазарите на големо, сточните пазари и откупно дистрибутивните центри за цените, побарувачката на производите и предвидувањата за движењето на пазарот во наредните сезони. Овие информации се наменети за навремено информирање на земјоделците околу пазарните трендови на земјоделските производи, а ќе се објавуваат на МРТВ и на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека во подоцнежната фаза на проектот ќе може да се добиваат и преку бесплатна телефонска линија и СМС пораки. Реализацијата на овој проект се предвидува да започне од следната недела.

На владината седница се донесе и Одлуката за висината и начинот на плаќање на посебниот надоместок, видот и количеството на растенија, растителни производи и други објекти и предмети за кои се плаќа надоместокот, како и висината и начинот на плаќање на трошоците во областа на здравјето на растенијата, со која се намали висината на посебниот надоместок за вршење на фитосанитарна инспекција на пратките со растенија и растителни производи кога се увезуваат, транзитираат или извезуваат од Република Македонија.пратките со растенија и растителни производи кога се увезуваат, транзитираат или извезуваат од Република Македонија.