Честитка од премиерот Никола Груевски до Еврејската заедница по повод празникот ПЕСАХ

До Претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија                          
Г-ѓа Бјанка Суботиќ

До членовите и припадниците на Еврејската заедница
во Република Македонија,                                      

Почитувани,

Имам чест и задоволство, во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник ПЕСАХ.

Горчината на ропството е горчина која ја имаат вкусено многу народи во историјата. За жал, ниту македонскиот, ниту еврејскиот народ не останале поштедени од оваа тешка и мачна општествена појава. Сепак, слободата била и останала една од најголемите вредности на луѓето, за чиј идеал никогаш не се жалеле животи и жртви. Токму затоа, да се потсетиме и да го прославиме тој идеал преку големиот празник ПЕСАХ.  

Ваквите празници се богатство на еврејската заедница, но и универзални добра со чие негување заеднички придонесуваме за подобра иднина, почитување, толеранција и хармонија помеѓу луѓето. Вашата заедница има дадено особен придонес за зачувувањето, промоцијата и ширењето на истите. Очекувам на тој пат заеднички да продолжиме, во насока на унапредување на ваквите вредности и развој на целокупните општествени односи во Република Македонија.    

Упатувајќи Ви најискрени честитки за празникот, Ви посакувам време исполнето со мир, молитва и душевен спокој.


    Искрено ваш,

НИКОЛА ГРУЕВСКИ