Во изработка Национална стратегија за поефикасна заштита од дискриминација
Подобрување на статусот на најранливите категории на граѓани во општеството и обезбедување континуиран развој во заштитата од дискриминација и унапредување на еднаквоста има за цел Национална стратегија за еднаквост и дискриминација, која ја изготвува Министерството за труд и социјална политика.
- И покрај сеопфатната законска рамка на антидискриминаторски прописи кои ја забрануваат дискриминацијата сознанијата укажуваат дека појави на дискриминаторско однесување постојат и се најраширени во областите на општествениот живот кои се посебно значајни и чувствителни за остварување на правата на граѓаните. Најзагрозена категорија се лицата од пониските социјални слоеви, кои најчесто се и со пониско образовно ниво, но и најранливите категории во општеството како децата, жените, старите лица и лицата со инвалидност. Националната стратегија и оперативните планови што треба да произлезат од неа треба да ги подобрат состојбите во оваа сфера, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Презентирајќи ја Стратегијата, Ристовски истакна дека таа го дава и правецот за натамошна работа на ова поле.
- За да биде успешна имплементирана националната стратегија на годишно ниво ќе бидат изготвувани оперативни планови во кои ќе се утврдуваат владините приоритети начинот на имплементација конкретна временска рамка, предвидениот буџет и очекуваните резултати, рече министерот за труд и социјална политика.
Коментирајќи ги забелешките дека во Стратегијата повторно не е нагласена сексуалната ориентација, како и верската или етничката определба како основи за дискриминација, тој истакна таа е резултат на постоечкото законско решение.
- Тоа не е точно затоа што заштитата и по однос на сексуална и полова ориентација се утврдени во правните прописи на Република Македонија. Ние тоа го повторувавме и кога се носеше и Законот за заштита од дискриминација. Исто така, можноста за дискриминирање по основ на религиска односно верска припадност воопшто не е исклучено од содржината на Стратегијата, затоа што и во дефиницијата која што е утврдена во Законот овој е еден од принципите врз основа на кој се констатира дискриминаторско однесување, односно е еден од принципите што овој Закон ги штити и не дозволува никој да биде дискриминиран по однос на верска или етничка припадност, истакна Ристовски.
Националната стратегија за еднаквост и недискриминација е во фаза на предлог текст. Досега се одржани три јавни дебати во неколку градови, а ќе се одржат уште три на кои граѓаните ќе имаат можност да дадат предлози и сугестии по однос на предложениот текст.
Документот, како што рече Ристовски, е и национален одговор на меѓународните обврски на Македонија, како и напор да се обединат сите ставови, активности и ресурси во една рамка и со единствен приод за унапредување на човековите права и воспоставување еднакви можности.