МНТ ќе се всели во новиот објект на крајот на мај, првата претстава во септември

Новиот објект на Стариот скопски театар ќе биде готов до крајот на мај кога и ќе му биде предаден на Македонскиот народен театар. Свечено ќе биде отворен во септември, на почетокот на новата театарска сезона, со премиера на избраниот текст „Вечна куќа“.

Според планот, отворањето требаше да се случи денеска, на Светскиот ден на театарот. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција во стариот објект на МНТ информираше дека причините за одлагањето се во неповолните временски услови кои ги забавиле зафатите -  не е доуреден партерот околу објектот, зашто бил раскинат договорот со претходниот изведувач „Конструктор инженеринг“ и на тендер е избран нов, не е целосно завршена орнаментиката и не е направено атестирање на сценската опрема и нејзината безбедност.

Министерката се извини за доцнењето и рече дека по 68 години чекање, дополнителни два месеца не треба да бидат проблем зашто се работи за сложен  објект во кој се вложени максимални заложби да биде квалитетно изграден и со стандарди какви што имаат театарските куќи од светски ранг. Рече дека на крајот на мај ќе му биде предаден на МНТ завршен до детали, а во летниот период вработените ќе се обучуваат за користење на сценската технологија која е од светски производители и претходно ќе помине на технички прием од стручен тим од Машинскиот и Градежниот факултет.

На новинарски прашања зошто буџетот за театарот од 6 до 8 милиони евра, колку што биле планирани на почетокот на неговата изградба во јануари 2007, достигнал над 30 милиони евра, Канческа-Милевска одговори дека првичниот проект бил само за градежниот дел и дека потоа следувале дополнителни договори за машинство, акустика, ентериер, сценска технологија и проект за партерно уредување, со кој театарот ќе биде поврзан со Музејот на македонската борба.  Некои од тие договори имале и анекси поради непредвидени проблеми во процесот на градба, но ниеден не ги надминувал законски дозволените 30 отсто од сумата на основниот договор.

- Неприфатливо е да се пласираат невистини во јавноста дека анекси се прават во четири очи. Секој од анексите е потврден од проектантски и од стручен надзор и се е во согласно со законот. Никаде не се надминати 30 отсто од основниот договор, некаде е 1 или 0,1 процент... Се што е вградено внатре доста чини, а вложеното ќе се види во театарот... целта беше тој да биде максимално квалитетен, да биде како што треба и по сите стандарди. Како пример, објектот има 108 противпожарни врати, рече Канческа-Милевска. Додаде дека сите тендерски процедури се завршени, а точната сума колку чини театарот не може да ја прецизира додека тој не биде целосно завршен и ќе биде позната кога објектот со целата документација ќе му биде предаден на МНТ.

Според архитектот Јован Стефановски-Жан, се работи за седумгодишен процес во кој идеите се менувале и дополнувале и фазите биле последователни. Тој истакна дека објектот е граден во историски контекст зашто целта била да се продолжи мислата на старите градители, но стариот театар да се збогати со нови идеи.

Директорот на МНТ Дејан Лилиќ и уметнички директор Дејан Пројковски, кој ќе ја режира претставата за отворање „Вечна куќа“ од Јордан Плевнеш, задоволни нагласија дека со театарот се исполнува сонот на денешните актери, но и на генерациите актери кои се вградиле во создавањето на македонскиот театар и ја задолжиле македонската култура.

Покрај двете сали, голема со 724 и мала со 215 седишта, фоаје на три нивоа и админстративен дел, во објектот на површина од 7.200 метри квадратни ќе има и постојана музејска поставка. Таа ќе содржи фотографии, програмки и плакати од претстави,  реквизити, костуми, лични предмети на актерите и стотици илјади  документи кои, како што рече авторката на концепцијата Јелена Лужина, ќе покажат дека „театарот на оваа почва не е тиква без корен“.

Орнаментиката ќе биде хронолошка низа на најатрактивните елементи од културата, од антика, среден век до преродбата и со пропорционална застапеност на сите видови уметнички творби (мозаици, скулптури, резби... ), појасни Елизабета Димитровска, претседател на Комисијата за избор на орнаментиката. Уметникот Ѓорѓи Чолаковски зборуваше за ликовните детали, кои ќе бидат мотиви од митологијата и антиката.