Министерот Попоски и Бакрачески разговараа за можностите за унапредување на промоцијата на Охрид во странство

 

Новоизбраниот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески денеска имаше работна средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, запознавајќи го министерот со проектите предвидени во програмата за работа на новата локална самоуправа, пред се оние насочени кон подобрување на можностите за промоција на Охрид надвор од националните рамки.

- Разговаравме за интензивирање на меѓународната соработка на Охрид поддржана од МНР, за одредени наши проекти насочени кон привлекување странски инвестиции, како и делот на активностите за подобра промоција на градот и развојот на здравствен туризам, рече Бакрачески.

Министерот Попоски потврди дека разговарите биле фокусирани на две теми и тоа на промоцијата на Македонија и особено на Охрид и неговиот регион како бренд, како и аспектот за искористување на сите потенцијали за реализација на заеднички проекти.

- Сметам дека многу имаме што да понудиме, но и многу да се сработи за таа промоција да биде ефикасна. Колку ќе биде успешен брендот Охрид и Охридското Езеро зависи од понудата на локално ниво. Подолг временски период ги запознаваме странските посетители за тоа што е Македонија, што таа нуди. Охрид се наоѓа во граничен регион, тука постојат можности за разработка на прекугранични проекти поддржани од ЕУ, така што тука треба да се насочат активностите што ќе значат додадена вредност и на национално ниво, рече шефот на македонската дипломатија.

Тој нагласи дека Охрид и Охридскиот регион сигурно може да имаат огромна корист од аспект на проектите поврзани со „Коридорот 8“.

- Инфраструктурно поврзување и кон исток и кон запад од тука може дополнително да го помогне економскиот развој и ние во таа насока работиме, преку развивање и поддршка на проекти од прекуграниен карактер, а што се поврзани со „Коридорот 8, рече Попоски.

На забелешките на новинарите дека Охрид изминатиот период е малку запоставен од аспект на одржување средби со светските лидери токму во Охрид, министерот Попоски со уверување дека за мошне кусо време во Охрид ќе биде преплавен од странски претставници.

- Охрид има многу што да понуди, сите впечатоци на странците кои дошле тука се нашиот најсилен адут. Последна таква посета беше онаа на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, кој не штедеше пофални зборови. Такви случаи ќе има уште повеќе, а најдобра потврда за тоа ќе биде претстојниот самит и министерски совет на Процесот за соработка во ЈИЕ, нагласи шефот на македонската дипломатија.