Занаетчиите бараат решение на нелојалната конкуренција и олеснување на казнената политика
Занаетчиите од Скоје денеска на средба со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски му ги презентираа проблемите со кои се соочуваат во извршувањето на својата работа и можностите како да се надминат.
Претседателот на Занаетчиската комора - Скопје Никола Петров изјави дека на владините претставници на средбата ќе им посочат на проблемот со нелојалната конкуренција и фискализацијата, како и делот со казнената политика и ќе побараат решение за нив.
- Проблем е нелојалната конкуренција. Апсурд е да се продаваат очила, текстилни и козметички производи на пазарите, а нив ги има по продавниците, истакна Петров додавајќи дека уште повеќе ги засега продавањето на картонските кутии пред продавниците.
Тие сметаат дека треба се применува фискализацијата и на пазарите како што е случајот со нив, но потенцираат дека е подобро да се даночат паушално.
Во однос на казнената политика, Петров посочи дека треба да нема ист третман со големите компании и оти бараат во случај на прекршување закон да има укажување, потоа едукација, па дури потоа да се пријде кон казна.
- Не може казнената политика да биде иста за сите и за дуќан кој има по двајца вработени и за оние гиганти со 200-300 вработени, истакна Петров.
Вицепремиерот Пешевски истакна дека на средбата заеднички ќе ги разгледаат можностите за она што може Владата да направи за подобрување на бизнис климата и да се направи животот полесен и за занаечиите, но и за државата, бидејќи секоја комплицирана регулатива не е добра. - Ќе видиме што од тоа што ќе го изнесат ќе биде прифатливо. Ние ќе го проанализираме и во форма на предлози ќе биде доставено до Владата која понатаму ќе одлучи што ќе биде прифатено и со која динамика ќе биде реализирано, изјави вицепремиерот Пешевски.
На територија на Скопје регистрирани се 5.000 вршители на занаетчиска дејност, од кои најголемиот дел се фризери, козметичари и златари. Комората брои 1.700 членови.