Промовиран софтверот за електронско решавање на барања за пензии
Осигурениците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, по комплетирањето на документацијата, решението за пензија во иднина ќе го добиваат за десетина минути на шалтерите на Фондот преку софтверот за електронско решавање на барањата и исплата на пензиите што беше презентиран денеска.
За секое поединечно барање за пензија се формира електронско досие во архивата, кое натаму по електронски пат се комплетира со податоци за извршен стаж и плати во матичната евиденција, се донесува решение кое се контролира електронски и се воспоставува исплата на пензии.
- Со тоа практично преоѓаме на една нова метода на донесување решенија, многу пократка, со која за неколку минути доколку осигуреникот односно идниот пензионер има подготвено комплетна документација ќе може да добие решение за остварување пензија. Затоа сакам да апелирам до сите осигуреници повремено да си го контролираат стажот, навреме да подготвуваат документација и кога ќе ја имаат ќе добијат решение веднаш и ќе влезат во системот за исплата на пензии, рече директорот на Фондот за ПИОМ Хисни Јакупи.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски потенцира дека ова решение претставува заокружување на реформите во системот на Фондот кое, според него, ќе ја олесни процедурата за граѓаните, ќе го намали нивното движење од шалтер до шалтер и, како што рече, она што е најважно тие до решението ќе дојдат за десетина минути.
Со формирањето на Електронското досие во процесот на апликација, додаде министерот, се воспоставува систем без движење на хартиена документација. Во досието се скенираат и се чуваат сите документи како историја на податоци. Истовремено, по електронски пат се врши и комплетирањето на предметот, со податоци за стаж и плати.
- Ова е заокружување на целокупниот процес на софтверска реформа која се случи во Фондот. На овој мошне сериозен проект му претходеше проектот портокалов плик кој многу ќе им помогне на осигурениците да обезбедат информации за состојбата со нивниот стаж, за да можат доколку има потреба да си ги докомплетираат документите, за кога ќе дојде до аплицирање за остварување на правото на пензија да имаат комплетна документација со комплетен стаж и за неколку минути да го добијат решението за остварување пензија, рече Ристовски.
Со проектот „портокалов плик“ беа опфатени осигурениците на Фондот од неколку градови, а како што најави директорот на Фондот се планира тој да се спроведе на ниво на целата држава. Тој проект треба да им ја олесни работата на осигурениците во комплетирањето на документацијата, по што осигурениците што ќе остварат услови за пензија ќе можат со новиот софтвер многу брзо да ги добијат решенијата за пензија.