Царинската управа лани наплатила 63,9 милијарди денари по сите основи
Со невалидни и фалсификувани преку 20.000 документи, увозниците минатата година се обиделе да избегнат плаќање давачки во вредност од околу 875 милиони денари.
Ова е само еден од билансите во ланското работење на Царинската управа која денеска одбележува 21 година постоење.
Управата лани по сите основи наплатила вкупно 63,9 милијарди денари што е за 3,5 отсто повеќе од 2011 година. - Наплатени се 4,07 милијарди денари на име царина и други царински давачки со еквивалентен ефект што е приближно еднакво на планираното, а за околу 7 проценти повеќе во однос на 2011-та кога беа наплатени 3,8 милијарди денари, посочи директорот.
Наплатените приходи од увозен ДДВ се 41 милијарда денари, на име акцизи се наплатени 16,6 милијарди денари, а на име надоместоци 2.231 милион денари.
- Царинската управа прерасна во институција за гордост која ги заштитува економските и финансиските интереси на државата, граѓаните и бизнисот, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред свеченоста.
Управата, додаде, е на многу високо, европско ниво и можеме да бидеме задоволни од нејзините услуги.
- Царината изминатите години вложи многу напори за подобрување на квалитетот на работењето преку модернизација, спроведување обуки, примена на најсовремени електронски методи за поднесување документи, истакна Ставрески.
Според директорот на Управата Ванчо Каргов, Царината и во 2012 година продолжи со спроведувањето на реформите и обврските, заштита на фискалните интереси на државата, заштита на здравјето и безбедноста на луѓето, обезбедување конкурентен економски амбиент и исполнување на условите за влез во ЕУ.
- Во 2012. Царинската управа спроведе поголем број реформи како во однос на управувањето со човечките ресурси, организацијата и логистиката, така и во унапредување на системите за контрола и примената на законите што резултираше со голем број ефикасни акции за заплени од различен вид. Целосно ги исполни своите цели, но тоа е обврска повеќе да продолжи со ист интензитет и во 2013, напомена Каргов.
Донесени се 1.047 решенија за дополнителна наплата на увозни и акцизни давачки. На име дополнителна наплата на увозни давачки се издадени 1.017 решенија во вкупен износ од 646 милиони денари.
Поднесени се и 737 прекршочни пријави од кои 674 за царински, 18 за девизен и 45 за акцизен прекршок, како и 91 кривична пријава против 111 физички и 31 правно лице.
Царината минатата година привремено задржала 119 странски моторни возила поради непочитување на прописите за нивно управување, а во соработка со Државниот инспекторат за транспорт открила 97 случаи на непочитување на прописите во меѓународниот превоз на патници.
Извршени се и 1.927 контроли на трговски друштва при што се откриени 34 обиди за неплаќање увозни давачки во вкупен износ од 354 милиони денари.
Во 149 акции, поради основано сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост, привремено се задржани 341.000 парчиња стока, а уништени се 144.000 парчиња фалсификувана стока.
Царината на крајот од 2012 година регистрирала вкупно 222 трговски марки за царинска заштита на права од интелектуална сопственост меѓу кои Пума, Адидас, Зара, Лакост, Нутела, Прада, Херба, Натрен, Ариел, Лабело, Косили, Еуцерин, Нивеа, Колгејт,....