Почна опремувањето на новите простории на одделението за неврологија во штипската болница
Лекарите и пациентите од Одделението за неврологија во штипската Клиничка болница од утре ќе се преселат во нови простории во еден дел од зградата на Инфективното одделение. Новите простории денеска се опремуваат со болнички кревети и друг потребен инвентар за нормално функционирање на невролошкото одделение, чиј објект вчера беше затворен поради немање услови за нега и лекување на тешко болните пациенти.
- Се организиравме исклучително брзо, имавме обезбедено некои кревети во Министерството за здравство за итни случаи и веднаш ги наменивме за ова одделение. Исто така со организација на менаџментот брзо се организиравме за изведување одредени градежни работи, кои што беа неопходни и беа посочени од државниот здравствен и санитарен инспекторат, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Според него, одлуката за преселување на одделението за неврологија е добра и е донесена со стручен тим од инфектолози од скопските клиники. - Имајќи предвид дека станува збор за објект во кое што е инфективното одделение, па од тој аспект имавме недоумица дали можат да се појават и некои проблеми. Но, од она што сум информиран многу поголеми проблеми или инфекции можеа да се појават кај пациентите, кои лежеа на старото невролошко одделение, отколку тука, појасни Тодоров.
Тој истакна дека пациентите од невролошкото одделение со новите простории ќе добијат хумани и современи услови за лекување, а Министерството веднаш ќе ги набави и апаратите кои се потребни.
Министерот за здравство наведе дека странските и домашни експерти констатирале оти клиничката болница располага со солидна апаратура, но предизвици постојат за подобрување на условите на одделенијата за неуропсихијатрија и физикална терапија. Веќе добил ветување од штипскиот бизнис сектор дека активно ќе се вклучи во подобрување на состојбите на штипската клиничка болница.