Работилница за техники за контрола на шумските пожари
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рамки на проектот „Зајакнување на подготвеноста за справување со шумски пожари“, поддржан од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), спроведува работилници за интегрирано управување со пожари и за техники за контрола на шумските пожари.
Министерот Љупчо Димовски денеска во Скопје ја отвори работилницата чија цел е зајакнување на капацитетот на национални управни и оперативни тела одговорни за справување со пожарите.
- Со вакви обуки ќе се трасира патот за вршење национални промени во ставовите кои водат кон намалување на бројот на пожари предизвикани од човечки фактор во високо-ризичните области, преку процесите на подобрено планирање и координација за одговор на непогоди и олеснување на ваквите активности во државата, рече Димовски.
Дел од компонентата за подигнување на јавната свест, посочи, е и Националната кампања за заштита на шумите од пожари која се промовира и реализира годинава и се очекува да прерасне во континуирана национална активност.
- Националната кампања ги обединува сите заинтересирани страни од заедничко и координирано пристапување кон подигање на јавната свест со што ќе се придонесе кон намалување на бројот на шумски пожари, додаде Димовски.
На денешниот настан беше промовирана и опремата за гаснење пожари, донација на проектот која ќе служи како модел за опремување на јавните претпријатија кои управуваат со шумите.