Македонија и Азербејџан потпишаа договори за одбегнување на двојното оданочување и заемна заштита на инвестиции
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 19.04.2013 година), во рамките на својата посета на Република Азербејџан, оствари средба со својот колега претседателот на Владата на Република Азербејџан, г-дин Артур Раси-заде.
Она што беше главен фокус на средбата со премиерот Артур Раси-заде е продлабочувањето на економските односи, преку презентирање на можностите за инвестиции, како и олеснување на процедурите за економската соработка меѓу заинтересираните субјекти од двете држави.
Токму затоа двајцата соговорници ја констатираа потребата од правно регулирање на билатералните односи во областите од взаемен интерес, со оглед дека заокружувањето на договорната рамка ќе биде поттик за поврзување на стопанските субјекти на двете држави.
Во таа насока беше и склучувањето на двата договори кои ги потпишаа премиерите на Република Македонија и Република Азербејџан. Првиот е Договор за одбегнување на двојното оданочување и заштита на фискална евазија во однос на даноците од доход и данокот на капитал, и вториот е договор меѓу Република Македонија и Република Азербејџан за поттикнување и взаемна заштита на инвестиции.
Премиерот Груевски истакна дека со овие договори ќе се олеснат економските односи, но и ќе се динамизираат инвестициските активности и процеси меѓу двете држави. Со ваквиот чекор Република Македонија станува попривлечна бизнис дестинација за азербејџанските бизнисмени.
Премиерот Груевски беше информиран од премиерот Раси-заде за намерата на Република Азербејџан да изгради два гасоводи, едниот НАБУКО и вториот ТАБ кој што поради близината до Македонија може да биде интересен за Република Македонија кога станува збор за искористување на гасот како енергенс и според најавите, Азербејџан ќе започне со изградба следната година, а ќе заврши со негова целосна реализација до 2018 година.
Премиерот Груевски на средбата ги акцентираше предностите на Република Македонија како потенцијална бизнис дестинација за компаниите од Република Азербејџан, посочувајќи дека Македонија е држава со најниски трошоци за правење на бизнис, има склучено договори за слободна трговија со сите европски држави и води стабилна макроекономска политика и она што е најважно Република Македонија е 5-та најмалку задолжена држава во Европа, што исклучително придонесува за стабилноста на една држава и е добар показател за потенцијалните инвеститори.
Груевски изјави дека посетата на Азербејџан ги подобрува и зацврстува политичките односи, но пред се економските односи во смисла на привлекување на инвеститори од Азербејџан и соработка во енергетскиот сектор што е исклучително важна работа.
Премиерот на Азербејџан Артур Раси-заде се заблагодари на посетата потенцирајќи дека за него е од особен интерес зајакнувањето на економската соработка која треба да се подигне на повисоко ниво следејќи ги одличните политички односи меѓу двете држави.
Премиерот на Азербејџан истакна дека посетата на премиерот Груевски ќе даде позитивен импулс за дополнително продлабочување на економските односи, со намера за нивно понатамошно надградување. Тој потенцираше дека Република Азербејџан остварува одлични економски резултати во последните неколку години и тие како држава се заинтересирани за проширување на инвестициските активности. На крај Премиерот на Азербејџан ја повтори отворената поддршка на Република Македонија потенцирајќи дека пријателството ќе се преслика и во меѓународните организации каде двете држави имаат заеднички интерес.