Работна посета на Министерот Попоски на Женева
За време работната посета на Женева, претпладневните часови Министерот Попоски ги искористи за средба со амбасадорите на земјите од Источно-европската група на ОН, како и амбасадорот Ремигуш Ахил Хенцел, моментален Претседавач со Советот за човекови права. Средбите на Министерот Попоски се во функција на промоција на кандидатурата на Република Македонија за членство на Советот на човекови права за периодот 2014-2016.
На средбите се говореше за постигнато во областа на унапредувањето и заштитата на човековите права во Република Македонија, за приоритетите и заложбите за унапредување на националните и меѓународни политики во оваа сфера, како и за додадената вредност во Советот на човекови права 2014-2016 од перспективното членството на Република Македонија.
Во таа насока Министерот Попоски изјави дека Република Македонија доколку биде избрана за членка во Советот ќе работи одговорно и транспарентно во постојана комуникација со земјите членки на ООН во функција на активен и одговорен член. Дополнително истакна дека нашата земја е подготвена и има капацитет за одржување и промоција на највисоките стандарди за човековите права, а исто така подвлече дека за време членството во Советот за човекови права ќе допринесе со конкретни резултати.
За време средбата со амбасадорот Ремигуш Ахил Хенцел, како актуелен претседател со Советот за човекови права, беа разменати искуства и мислења за работата на Советот, а исто така стана збор и за актуелните случувања и приоритетите во ова тело.
Дополнително, Министерот Попоски оствари средба и со директорот на Женевскиот центар за безбедносна политика, г-дин Fred Tanner, придружуван од г-дин Francois Heisbourg, при што се разменаа мислења за глобалните безбедносни прашања, а вклучително и на темата на која министерот Попоски ќе има излагање во попладневниот дел посветена на иднината и предизвиците на ОБСЕ. Исто така се разговараше за отпочнување поинтензивна соработка на Женевскиот центар за безбедносна политика и Дипломатската академија на МНР.
Дополнително на претпладневните активности, шефот на македонската дипломатија Попоски даде интервју за списанието Global Journal, каде беше вклучена презентација на македонските приоритети и активности во европското интегрирање.