Состанок на градоначалници од северо-источниот и источниот регион за управување со отпад
Дефинирање на отворените прашања поврзани околу управувањето со отпад на регионално ниво и постигнување согласност, утврдување на непосредните чекори за воспоставување и ставање во функција на регионалните тела за управување со отпад, како и утврдување на временската рамка и конкретните одговорни лица за навремено ставање во функција на регионалните тела е цел на Зелениот форум на градоначалници од северо-источниот и источниот регион.
Ова во рамки на форумот кој е дел од проектот „Зајакнување на административните капацитети на централно и локално ниво за имплементација и примена на законодавството за управување со отпад“ денеска го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.
Тој информира дека од Европската комисија се одобрени уште два проекти во секторот отпад за источниот и североисточниот плански регион, од кои за еден во тек е тендерска постапка и се очекува потпишување договор со спроведувачот во почетокот на идната година, додека другиот е во почетна фаза.
- Управувањето со отпад е многу битно не само за регионите туку и за државата и затоа ние се обидуваме со нашите капацитети и искуства да им помагаме на општините, рече Адеми.
Ресорниот министер потсети дека во јули 2010 година во овие два региони почна имплементацијата на пилот проектот за зајакнување на капацитетите на регионалната и локалната администрација за регионално управување со отпад, во форма на обуки на вработените, но паралелно се ревидира и целосната постоечка документација на националната легислатива во областа на управување со отпад.
Според Дитер Дил од делегацијата на Европската унија во Скопје, проектот има за цел не само да го намали количеството на отпад што се создава на ниво на ЕУ, туку и да ги подобри искористувањата на отпадот што веќе се создава. Преку проектот треба да се зајакнат капацитетите на централно и локално ниво за соодветно управување со отпадот и формирање соодветни регионални тела кои ќе бидат задолжени за управувањето.
- Точно е дека земјата во рамки на процесот на пристапување кон ЕУ добива помош од Унијата за справување со еколошките прашања, но токму македонските пари се оние кои треба да го понесат главниот товар бидејќи станува збор за отпад кој самите треба да го решиме, рече Дил.