Македонско–изрелски проект за производство на семе и саден материјал

Управувачкиот комитет на македонско-израелскиот проект за семе и саден материјал денеска одржа прв состанок на кој ги утврдуваше идните активности за соработка.   

Состанокот на Комитот, што работи врз основа на Меморандумот за соработка потпишан лани во мај, меѓу двете министерства, на Македонија и Израел, го отвори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Димовски потсети дека договорот веќе се реализира преку проектот за подигнување мини фарма за производство на семенски и посадочен материјал која вчера ја посетиле во Свети Николе, во рамки на Средното земјоделско училиште „Кочо Рацин“.

- На Комитетот разговаравме за доразработување и проширување на проектот, за тоа кои институции дополнително ќе бидат вклучени во проектот, како Агенцијата за поттикнување на земјоделството, што е особено важна за нас заради тоа што преку вработените советници во оваа агенција ќе имаме пристап до секој земјоделец поединечно. Ќе бидат вклучени сите форми на здружување на земјоделците, од земјоделски задруги, здруженија, сојузи, федерации, синдикати во делот на производство на градинарски производи, изјави Димовски.

Тој информира дека ќе бидат вклучени и поголемите индивидуални земјоделски производители или компании кои се занимаваат со производство на зеленчук, орнажерии...

- Ќе се обидеме да им го пренесеме знаењето на израелските експерти. Ќе бидат вклучени и водостопанските претпријатија каде се произведуват овие култури. Дискутриравме и за обезбедување вода за наводнување на земјоделските површини и добивме ветување дека ќе добиеме помош и во тој дел, преку присуство на експерти од областа од Израел, што за нас ќе биде важно. Кај нас што поскоро треба да се изработи студија за трансфорамција на целиот систем кој ќе обезбедува проширување на површините под наводнување и обезбедување вода за наводнување на секој заинтересирна земјоделец, кој ќе ја почитува обврска да ја плати водата, рече Димовски.

Ефи Бен Метитјау, директор на проекти во  МАШАВ истакна дека се во Македонија поради добрите односи меѓу нашата држава и и Израел.

- Владата на Израел му даде инструкции на Министерството за надворешни работи и МАШАВ- Агенцијата за меѓународна развојна соработка да дојдат во Македонија и да отворат демо центар за работа во земјоделството и да има соработка со МЗШВ. Ние сите сме вклучени со цел да се подобри производството во земјоделството, особено градинарското производство, нагласи Метитјау.

Идејата, како што рече, е нашите производители да ги достигнат пазарите на ЕУ. Додаде дека Македонија е една од седумте земји во која Израел одлучил да испрати свој експерт кој ќе престојува постојано и ќе работи. Тој ќе биде лидер на овој проект, заедно со неговиот соработник од Македонија.