Почнуваат бесплатните превентивни прегледи за населението
Министерството за здравство во соработка со Здравствен дом Скопје и Институтот за белодробни заболувања од утре ќе почне со бесплатни превентивни прегледи на населението во целата држава со посебен акцент на руралните средини.
Прегледите, како што истакна министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција, ќе се вршат во специјално возило кое ќе биде поставено во 52 рурални подрачја, од кои четри во скопско. Првите прегледи ќе бидат извршени во Кумановскиот регион.
- Постои голем интерес кај населението, а тоа го покажа минатогодишното искуство кога 15.000 граѓани побараа помош на овие пунктови. Сериозно сме посветени на превенцијата која е препорачана од Светската здравствена организација и е тренд во современите здравствени системи. Овие прегледи покрај превенцијата ја подигаат и здравствената култура на населението, рече Тодоров.
Јованка Костовска од Секторот за превентивна здравствена заштита посочи дека населението ги сака превентивните прегледи, бидејќи навремено добива резултати и совети како да се грижи за здравјето.
– Со овие прегледи ќе се откријат и ризик факторите за кардиоваскуларни заболувања. Резултатите од овие испитувања ќе бидат запишувани во посебни образци кои потоа ќе бидат анализирани. Позитивните наоди ќе бидат упатувани кај матичен лекар за дополнителни испитувања, рече Костовска.
Според директорката на Здравствен дом Скопје Тања Баевска Вучковиќ, искуствата покажале дека превентивните прегледи се многу добро прифатени од населението.
- Покрај базичните лабораториски, ќе се прават и прегледи за хемоглобин, шеќер и холестерол, како и ЕКГ и контрола на крвен притисок. Резултатите ќе се добиваат веднаш и од нив ќе може да се види каква е здравствената состојба на пациентот, посочи Вучковиќ.
Билјана Поповска, директорката на Институтот за белодробни заболувања, потенцира дека превентивните прегледи ќе овозможат рано откривање на лицата со респираторни проблеми, како и превентивна заштита и навремено откривање на други болести.