Министерство за транспорт: Документот за продажба на земјиште за изградба на социјални станови во Куманово е фалсификат
Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека документот за отуѓување градежно земјиште во општина Куманово со кој, како што објавија одредени медиуми, е извршена продажба на државно земјиште на кое требало да бидат изградени социјални станови е фалсификат.
- До Министерството за транспорт и врски од страна на граѓани од општина Куманово е доставено известување и копија од Договор за продажба на државно земјиште за кој е констатирано дека е фалсификуван договор. Овој договор се однесува за земјиште со вкупна површина од 1.723 метри квадратни кое е наменето за изградба на станбено-деловен објект, а се наоѓа во општина Куманово. За овој договор во Министерството за транспорт и врски е констатирано дека станува збор за формат на документ кој во неколку елементи не соодветствува со актите кои ги издава Министерството и за него ќе биде покрената постапка за санкционирање на прекршителите на законот од страна на надлежните органи, се наведува во соопштението.
Од ресорното Министерство појаснуваат дека согласно член 378 од Казнениот законик оној што ќе направи лажна исправа или ќе преправи вистинска исправа со намера да ја употреби како вистинска или оној што лажната или преправената исправа ќе ја употреби како вистинска ќе биде казнет со парична казна или со затвор до три години.