Ставрески: Буџетот во добра кондиција
Буџетот е во добра кондиција. Приливот на средствата во првите четири месеци од годинава е соодветен на очекувањата, а плаќањата се вршат навремено, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.
- Имаме прелиминарни податоци за април и како што очекувавме април е завршен со мал суфицит што ќе помогне да се изврши нивелација на зголемените расходи што беа во февруари, на почетокот на годината и во март поврзани со исплаќањето на обврските кон стопанството и субвенциите. Така, дефицитот е во рамки на очекувањата за првите четири месеци и таков ќе биде до крајот на годината. Очекуваме да се исполнат проекциите, изјави министерот Ставрески.
Тој потенцира дека нема заостанати обврски и оти сите фирми навреме добиваат поврат на ДДВ и навреме се исплаќаат сите фактури. - Владата го исполнува она што го вети за стопанството. На нула е сведен износот на заостанати обврски уште во февруари. Тој и денеска е на нула. Сите фирми добиваат навремено поврат на ДДВ и ги исплаќаме сите фактури така што согласно времињата во кои се наоѓаме и согласно ситуацијата во Европа сметам дека македонскиот буџет сосема добро се справува со предизвиците и дека ќе успееме да ги реализираме сите проекции за приходите и расходите до крајот на годината, истакна Ставрески.
Тој потенцира дека финансирањето на буџетот е во согласност со планираното, што подразбира домашно финансирање преку аукции и обезбедените средства со ниска камата со гаранцијата на Светска банка.
Одговарајќи на новинарско прашање за позитивните трендови во индустриското производство, рече дека е охрабрувачки и добро што имаме раст во првиот квартал во услови кога во Европа се попесимистички проекциите отколку претходно и кога имаме рецесија во првите месеци од годината.
- Доколку и во вакви околности, кога европската економија во првите неколку месеци е во рецесија, Македонија имаше позитивна стапка на раст на индустриското производство, а во втората половина од годината се очекува стабилизирање на европската економија и позитивна стапка таму, сигурно и Македонија ќе има позитивна стапка во втората половина, што ќе даде можност да се реализира проектираниот раст од 2 отсто, изјави министерот Ставрески и додаде дека тоа се базира на инвестициите во инфраструктурата, на поддршката на малите и средните претпријатија и странските директни инвестиции.