Адеми: Топилницата мора да ги исполнува еколошките стандарди
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми ја поддржува препораката на премиерот Никола Груевски упатена до сопственикот на велешка Топилница, компанијата „Метрудхем“ за изнаоѓање алтернативна локација за надминување на стравот на граѓанините на Велес од можни нови загадувања.
Во интервју за МИА Адеми рече дека процедурата за оцена на влијанието од Топилницата бара разгледување на алтернативни опции.
- Една од овие опции е и определување на алтернативна локација. Без разлика за која локација ќе се работи, инсталацијата мора да исполни стандарди кои ќе гарантираат минимални емисии во животната средина и здравјето на населението околу неа и пошироко, истакна ресорниот министер.
За добивање еколошка дозвола тој посочи дека се спроведува долготрајна процедура во која е вклучено и одлучувањето на јавноста.
- Одлуката за изводливоста на проектот ја донесува Министерството во соработка со сите засегнати страни. Во оваа фаза, кога инвеститорот до Министерството има доставено само писмо за намера кое е вратено на докомплетирање, секоја шпекулација за одлука во било која насока не оди во прилог на објективно и непристрасно спроведување на процедурата за оцена на влијанието врз животната средина без разлика за која локација зборуваме, додаде Адеми.