Македонската полиција заплени досега најголемо количество синтетичка дрога екстази амфетамин
Македонската полиција во координација со СЕКИ- СЕЛЕК Центарот во Букурешт вчера заплени досега најголемо количество синтетичка дрога екстази и пресече меѓународен канал на недозволена трговија со синтетичка дрога екстази амфетамин.
Под оперативно име „Техно“ по истрагата на подрачјето на Скопје и Велес, полицијата при претрес на возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки и на стан во Велес, заплени вкупно 10.355 парчиња екстази амфетамин со лого „М“ - моторола, 300 грама марихуана и околу 50 грама амфетамин во прашкаста материја. Вредноста на запленетата дрога на наркопазарот е околу 80 илјади евра.
Дрогата, информираше на денешната прес - конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, се движела на релација Бугарија - Македонија во насока на Тетово, организирано од меѓународна криминална група, а била наменета за македонскиот и косовскиот пазар.
Од страна на полициски службеници на автопатот Велес – Скопје кај клучка Катланово, вчера во 14.55 часот, појасни Јанкулоска, запрен е „мерцедесот“ управуван од М.С., поради основи на сомневање дека во возилото има сокриено синтетичка дрога амфетамин.
- По обезбедена наредба од Истражен судија, од Основен суд Скопје 1 Скопје, извршен е претрес во возилото, при што под совозачкото седиште е пронајдена една црна полиетиленска кеса во која имало 8 полиетиленски прозирни пакувања со вкупно 8.308 парчиња синтетичка дрога екстази - амфетамин светло жолта боја со втиснато лого „М“(моторола). Веднаш потоа М.С. е лишен од слобода и приведен во Полициската станица во Гази Баба во Скопје, изјави министерката Јанкулоска.
Транспортот на синтетичката дрога е организиран по претходен договор помеѓу бугарски државјани и македонските државјани М.С. од Велес и М.С. од Скопје, при што од страна на бугарски државјанин на 18.11.2011 година на М.С. во Велес му биле предадени 10.355 таблети синтетичка дрога екстази - амфетамин, од кои 2047 задржал за себе, а останатите 8.308 му ги предал на М.С. истиот ден во Велес.
Јанкулоска информира дека во Велес од слобода е лишен М.С., познат локален дилер на наркотични дроги, по што е извршен претрес во неговиот дом каде се пронајдени: 2047 таблети екстази – амфетамин, светло жолта боја со лого „Моторола“ 18 таблети синтетичка дрога екстази – амфетамин во различна боја со различни лога, околу 300 грама марихуана, 2 пластични пакувања од киндер јајце со семки од марихуана и околу 50 грама амфетамин во прашкаста форма бела боја. При претресот во домот на С.Р., татко на М.Р. инволвиран во случајот, пронајдено е огнено оружје револвер марка „Смит Њесон„ со фабрички број 774510 за што од страна на СВР Скопје ќе биде поднесена кривична пријава.
Во текот на денешниот ден против инволвираниот бугарски државјанин (во отсуство), како и против М.С.(35) од Скопје, М.С.(32) од Велес и М.Р.(21) од Скопје, ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.