Ставрески: Договорот за приклучување на Македонија во Јужен тек ќе го потпишеме во јуни
Владата го усвои финалниот текст на Договорот со Руската Федерација за изградба на гасоводниот крак од Јужен тек кон Република Македонија. Финалниот текст, за кој е добиена потврда од руска страна дека се согласува, е усвоен на последната владина седница. Во моментов се утврдува датумот на потпишување на договорот, но се очекува да биде во јуни во Санк Петербург.
Ова го истакнува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за МИА кое утре ќе биде објавено во целост.
- Поврзувањето со меѓународниот коридор за пренос на гас Јужен тек, за Македонија обезбедува многукратни придобивки. Со Договорот е предвидено да се обезбедат дополнителни количини природен гас, што ќе значат стабилна енергетска иднина на нашата земја. Влегувањето на Македонија во овој проект значи дека ќе обезбедиме сигурно снабдување со гас на сите стопански капацитети, како и за домаќинствата, при што може да се очекува и намалување на цената на гасот. Ќе се задоволат целокупните потреби за гас во земјата, како за нови стопански и енергетски капацитети, нови електрани, така и за гасоводната мрежа до сите градови. Проценката е дека до 2030 година потребните количини на гас кои ќе се обезбедуваат би изнесувале 2,5 милијарди кубни метри. Оператор на гасоводот во Македонија ќе биде мешовито македонско-руско друштво, кое со Договорот е предвидено да биде со еднакво учество од по 50 проценти, вели вицепремиерот во интервјуто.
Изградбата на гасоводот во Русија почна минатата година и гасот кон Централна и Јужна Европа треба да протече во 2015 година. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 отсто од вкупните потреби на Европа.
Во интервјуто вицепремиерот говори и за странските директни инвестиции, даночната политика, проектот „Купи куќа, купи стан“, како и за враќањето на македонското сонце на фискалните сметки.