Средба на премиерот Груевски со британски инвеститори во Лондон и Принцот Мајкл од Кент
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера во Лондон присуствуваше на настан организиран од Британската бизнис група во Македонија предводена од г-дин Реј Пауер, на кој ги презентираше инвестициските можности кои ги нуди Република Македонија пред повеќе британски инвеститори.
На почетокот од своето излагање претседателот Груевски изрази задоволство од можноста да се биде во Лондон на настан на кој се презентираат условите кои Република Македонија ги нуди за водење бизнис, при што истакна дека традиционално добрите политички односи помеѓу Република Македонија и Велика Британија, особено изразени преку британската поддршка во рамки на ЕУ и НАТО интеграциите, ќе придонесат и кон посилно унапредување на економската соработка помеѓу двете земји.
Во својата презентација претседателот Груевски истакна дека Владата во континуитет работи на подобрување на бизнис климата и условите за работа, еднакво за домашните и странските компании, и води стабилнa макроекономскa политика. Дека Македонија е добра земја за водење бизнис, истакна претседателот на Владата, најдобро потврдува Светската банка која преку извештајот Doing Business неколку години по ред ја става Република Македонија на врвот на листата на реформатори и поволни бизнис дестинации, при што во последниот извештај за 2012 година Македонија е рангирана на 22 место во светот во однос на поволната бизнис клима.
Претседателот Груевски пред британските инвеститори ги презентираше поволностите што се нудат во технолошко индустриските развојни зони, при што истакна дека врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Македонија како атрактивна бизнис дестинација, во изминатиот период во нив се реализираа инвестиции на компании како Џонсон Мети и Џонсон Контролс, додека во последните четири месеци во овие зони во Македонија има своевиден инвестициски циклус, во чиј рамки Џонсон Контролс отвора уште една, втора фабрика, а започна реализацијата и на инвестициите на Текнохозе од Италија, Кемет Електроникс од САД, Протек Груп од Русија и Мадерсон Груп од Индија.
На крај од своето обраќање претседателот Груевски ги покани инвеститорите да ја посетат Македонија и лично да се уверат во поволната бизнис клима и условите за инвестирање што ги нуди земјата.
На настанот присуствуваше и Принцот Мајкл од Кент, истакнат претставник на кралското семејство, кој што е доста активен во британската бизнис заедница преку неговите ангажмани за промоција на британските инвестиции во Европа и Азија.