Бизнис заедницата со пакет мерки до Владата

Сет од вкупно 77 економски мерки испорача денеска бизнис заедницата до Владата. Зголемен кредитен раст на осум до 10 проценти, дисциплинирање на фирмите при плаќање на долговите, укинување на категоријата непризнаени расходи и заземање нова стратегија со приоритет на домашните инвестиции, се само некои од барањата што Сојузот на стопански комори ги изнесе на деловниот појадок со владиниот економски тим.

- Денеска ни се доставени 77 идеи, меѓу кои има доста интересни. Сите ќе бидат внимателно разгледани. Несериозно е да кажуваме веднаш што ќе биде прифатено, а што не. Треба добро да ги изанализираме, да побараме мислења од различни институции, по што, верувам, како и во минатото, за поголем дел ќе одговориме позитивно, изјави премиерот Никола Груевски.

Владата, потенцира, работи за бизнисот, да му помогне да биде поуспешен и да отвора нови работни места. - Нашата крајна цел е отворање нови работни места, а оној што ги креира е токму бизнисот, рече Груевски.

- Кредитниот раст мора да биде меѓу 8 и 10 отсто ако сакаме да имаме стабилен економски раст годинава. Тоа е нашето клучно барање и во таа насока предложивме да се формира соодветен систем. Европската должничка криза се уште не е завршена, ние тргнавме во освојување нови пазари, но ова е потребно за да ги раздвижиме фирмите и личната потрошувачка, потенцира претседателот на ССК Златко Калеников.

Владата, додаде премиерот, се согласува со стопанствениците, добро е да се има повисок кредитен раст, но за тоа одлучуваат Централната и комерцијалните банки. Банките одлучуваат колку и во која мера ќе кредитираат, тие ги кројат политиките во однос на кредитирањето. Централната банка, пак, направи се што можеше за да ги стимулира, а тоа ќе го прави и во иднина.

Мора да се земе предвид и вкупниот макроекономски амбиент, не само во регинот, туку и пошироко, кој ги има влошено перформансите, поради што банките се повоздржани, повнимателни при давањето кредити.

- Секој од нас сака повисок кредитен раст, но тука маневарскиот простор на Владата е ограничен. Тоа е пред се во ингеренција на Централната и комерцијалните банки. Она што Владата го правеше и ќе го прави е обезбедување кредитни линии со екстра поволни услови и субвенционирана камата, нагласи премиерот.

По искористувањето на последната транша од поволниот кредит преку Европската инвестициска банка, најави, ќе почне реализација на нова таква кредитна линија за која веќе стартуваа преговорите. До крајот на годината овие средства ќе им бидат на располагање на македонските компании.

- Ова е начинот на кој обезбедуваме подобри услови за кредит, субвенционирани кредити кои во овој момент се не максимум, туку единствено користени од страна на македонските компании. Тоа покажува дека сме направиле вистински чекор во вистинско време, време на економска криза во Европа. Кога економските услови се влошени обезбедуваме доволно, онолку колку што им е потребно, колку што банките можат да сервисираат кредити со субвенционирана камата, посочи Груевски.

Според него, различни се видувањата на компаниите и банките за квалитетот на кредитните барања и перспективите на кредитите. - Веќе е зголемен капиталот на МБПР за околу 10,7 милиони евра со цел поддршка на извозот и земјоделството. Директното кредитирање почна, но во ниту една земја проблемот со кредитирањето не се решава преку оваа банка. Таа може само малку да помогне, но не и да го реши проблемот. Главниот проблем е во квалитетот на кредитните барања од страна на компаниите, рече премиерот.

Тој оцени дека компаниите не се доволно агресивни кога станува збор за настап на европските пазари и особено при освојувањето нови, во Африка, Америка, Азија.

- Освен што Владата прави максимални напори за привлекување инвеститори и отворање нови пазари, постои уште простор самите компании и бизнисмени да покажат активност за изнаоѓање нови пазари, остварување контакти за продажба, комуницирање со фирми од други држави. Покрај тоа што треба да се фокусираат на европскиот пазар како досега, би било добро да се осврнат и на други, како азискиот кој не е во криза, американскиот, африканскиот,... , рече Груевски.

Добро е, додаде, да се рашират обидите и на други континенти, не само на европскиот. Тоа е тренд, го прават и други држави во услови кога европската економија стагнира или се намалува, кога се намалуваат нарачките во многу наши индустрии и кога забавува производството заради проблемите во ЕУ. - Потребен е поагресивен настап не само на европскиот, туку и на другите пазари, а нашите бизнисмени во моментов не прават доволно обиди, недоволни се дури и обидите за европскиот пазар, заклучи премиерот.

Не се сите пасивни, напомена, но повеќето треба да покажат поголема активност. Во други земји, бизнис заедницата ја притиска Владата да овозможи деловни состаноци со странски фирми ако смета дека нема доволно контакти.

Стопанствениците признаваат дека постои летаргија во освојувањето нови пазари, но само кај група бизнисмени. Тие најавија дека по Катар и Дубаи, планираат посета и на Африка. - Искуството покажува дека поголем интерес има за пазарите подалеку од Македонија, за оние кои се неиспитани и неосвоени, отколку за оние со кои има деловна соработка, рече Калеников.

Бизнисмените силно ја поздравуваат владината мерка за раздолжување кон стопанството.

- Баравме да се зголеми буџетскиот дефицит од 2,5 на 3,5 отсто. Со тоа се овозможи да се вратат долговите на сите компании. За нас е најважна ликвидноста на фирмите. Нема подобар кредит од тоа, своите пари да си ги добиете во право време. Немаме, како што рече премиерот, издржани кредитни барања зашто пазарот во Македонија е нарушен, подвлече Калеников.

Компаниите во пакетот мерки сугерираат и интервенција во законските прописи со цел стечајот и ликвидацијата да бидат ефикасни и брзи, интензивирање на градењето големи, но уште повеќе и мали хидроцентрали кои би произведувале и продавале електрична енергија по пониски цени од увезената, како и наместо на фактурирана, данокот на додадена вредност да се плаќа на наплатена реализација.

Според фирмите, треба да се намали и стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за топлинската енергија и за добиточната храна, да се подобри координацијата меѓу централната и локалната власт за побрзо решавање на имотноправните односи, да се промени времетраењето на летниот распуст од 15 јуни до 15 септември и на зимскиот од 15 јануари до 15 февруари со цел продолжување на летната и зимската туристичка сезона, забраната за пушење во угостителските објекти да важи до 21 часот,...

На деловниот појадок што Сојузот на стопанските комори го организира традиционално, секоја година, присуствуваа владините министри од секторите економија, финансии, земјоделство, социјала, здравство,...

Договорено е наместо еднаш годишно, Владата и бизнис заедницата да седнуваат на заедничка маса секои три месеци.

Досега Владата прифати над 70 отсто од предлозите на стопанствениците.