Можностите за инвестирање презентирани пред унгарски бизнисмени
Можностите за инвестирање во Македонија особено во енергетиката, туризмот, минералните суровини, земјоделството и ИТ технологијата денеска беа презентирани пред унгарската бизнис делегација која престојува во посета на Македонија.
На бизнис форумот што се одржа во Стопанската комора на Македонија присуствуваа бизнисмени од 22 унгарски компании кои се заинтересирани за инвестирање пред се во туризмот, земјоделството и финансискиот сектор.
- Пред должничката криза, Република Унгарија беше на високото второ место по инвестиции во Македонија. Целта на денешната средба е Република Унгарија повторно да се врати со инвестиции во Македонија. Ние сме тука да ги презентираме нашите можности, а радува фактот што покрај соработката на владино и институционално ниво, одлично се одвива и соработката на ниво на стопански комори, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини, пред почетокот на форумот.
Од унгарска страна беше истакнато дека сакаат да ја зацврстат позицијата на инвеститор во Македонија и оти за нив интересни за инвестирање се земјоделството, туризмот и финансискиот сектор.
- Имаме силна позиција како инвеститор во Македонија и би сакале да ја зацврстиме оваа позиција. Ја гледаме Република Македонија како важен партнер во надворешната трговија. Ние сме и силен поддржувач на евроинтегративните процеси на Македонија, истакна државниот секретар за надворешни работи и меѓународни економски односи и копретседател на Унгарско-македонскиот деловен совет, Петер Сијарто.
Според претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев, денешната посета на големата бизнис делегација од Унгарија е потврда дека оваа држава има сериозни намери да соработува со Македонија.
Стопанските комори на Македонија и Унгарија во февруари потпишаа меморандум за соработка. Формиран е и првиот Мешовит комитет и дефинирани се секторите за соработка меѓу двете држави.