Адеми и Арифи разговараа за заштитата на животната средина преку заеднички проекти
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми денеска во Тетово се сретна со градоначалничката на таа општина Теута Арифи. На средбата станало збор за меѓусебната соработка на двете институции со цел подобрување на заштитата на животната средина преку заеднички проекти во интерес на граѓаните.
- Денешната средба е во рамки на редовните средби што ние како општина ги имаме со претставниците на Владата. Го информирав министерот за нашите активности и мерки за почист град, можностите за нивна подршка на истите, како и за други прашања од сферата на екологијата, интегрираното управување со отпадот и слично. Очекуваме подршка од сите наши партнери за подобрување на состојбите во оваа сфера и повторно апелирам до граѓаните на општината активно да се вклучат во сите наши активности за почист град и општина рече Арифи.
Адеми посочи дека рзговарале за зедничките активности со посебен осврт на можностите што општините ги имаат на планот на заштитата на животната средина како што е управувањето со цврстиот отпад, водоснабдувањето и третманот на отпадните води.
Ние како министерство, истакна Адеми, веќе презедовме одредени активности за отпочнување на проектот за пречистување на отпадните води во општина Тетово за што сакаме да ги искористиме средствата од ИПАРД фондовите на ЕУ и за што веќе има распишано тендер за физибилити студија, главен проект и тендерско досие.
- Во областа на управување со цврстиот отпад ја продолживме процедурата за избор на концесионер на регионалната депонија Русино што беше прекината поради локалните избори и имаме две пријави од реномирани компании што се бават со оваа работа од Австрија и Германија. Очекувам дека до крајот на оваа година ќе го избереме концесионерот. Во постапка е и активноста за прогласување на дел од Шар Планина како национален парк односно зачувување на Шара како природно наследство и отворање на можност за развој на руралниот туризам во соработка со општина Тетово, изјави Адеми.
Одговарајќи на новинарско прашање околу моменталните состојби со чистотата во градот, градоначалничката Арифи потенцираше дека постојано се работи за подобрување на состојбите за ова чуствително прашање со собирањето на сметот и миењето на улиците, а најави и скоро решавање на проблемот со претоварно транзитната станица за смет со решение што ќе биде во рамки на законот и по сите светски стандарди.
Министерот Адеми во оваа насока рече дека транзитниот центар ќе биде само привремено решение додека трајното се очекува преку интегрираното собирање на цврстиот отпад поврзано со новиот концесионер на Русино.