Mинистерот Спасов се сретна со српскиот вицепремиерот и министер за труд Кркобабиќ
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска во Белград се сретна со потпретседателот на српската Влада и министер за труд Јован Кркобабиќ, со кого дискутираше за бројни прашања од областа на трудот и социјалната политика.
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека на средбата се размениле искуства и мислења за решавање на проблемите и мерките за спречување на невработеноста на младите, неформалните вработувања, мирното решавање на работните спорови. Воедно, средбата, била искористена за размена на искуства за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост.
Министрите Спасов и Кркобабиќ се согласиле дека потребно е организирање на „Отворени денови на граѓани на Република Македонија и Република Србија“ за непосредно решавање на прашањата од Договорот за социјалното осигурување меѓу Република Македонија и Република Србија. Договорено е да отпочне постапка за потпишување на Меморандум за соработка во областа на трудот и социјалната политика.
На средбата стана збор и за заемната соработка во областа на слободното движење на работниците, но и за позитивните пракси за потребата од социјално претприемништво како приоритет за решавање на проблемите поврзани со маргинализираните групи и искуства при изработката на Закон за социјално претприемништво во Република Србија, кој е во Нацрт верзија. Средбата меѓу Спасов и Кркобабиќ се одржа пред почетокот на заедничката седница на владите на Република Македонија и Република Србија, која што се одржува во Белград и е прва од ваков вид во регионот, стои во соопштението.